Едноставната убавина на природната фауна, растенијата и цвеќињата беа во фокус на изложбата и зелената просторна инсталација „Зелен момент“ која се одржа во културниот центар „Кочо Рацин“ во Скопје. Автори на оваа изложба, која ентериерот галеријата „Ко-Ра“ го трансформираше во мала зелена оаза, се уметниците Сарита Конеска и Валентина Конеска Капсарова, а поводот за самата изложба беше одбележување на денот на пролетта и екологијата. Изложбата опфати интересна просторна инсталација со повеќе видови живи растенија и сукуленти во различно дизајнирани саксии, ставајќи го на пиедестал живото цвеќе и зеленило како пример за убавината која ја создава природата и како зеленилото може да му донесе живот на еден простор и целосно да го измени неговиот лик и карактер. Особено впечатлив момент од изложбата се симпатичните саксии извајани од бетон во различни геометриски форми, дело на Валентина, која е професионален вајар. Дел од саксиите се оставени во основната боја на бетонот, сива и се лесно прилагодливи на овој начин за современите и индустриските ентериери. Некои од саксиите пак се прошарани со ведри бои, кои заедно со цвеќињата, кактусите и сукулентите внесуваат енергија и свежина во ентериерот. „Инспирацијата за овој проект ни беше самото растение, рачноизработените саксии за цвеќиња на Валентина, односно природата и цвеќето како природна уметничка творба- вековна инспирација на уметникот, како главен постамен“, вели Сарита, една од авторите на изложбата.

Потенцира дека инспирирани од пролетната атмосфера и хортикултурата, се обиделе да креираат и внесат пролетен дух во затворен простор, со цел да покажат каква промена може да внесе природното зеленило во ентериерот и од естетски, но и од здравствен аспект како природен прочистувач на воздухот во домот.„Изложбата има за цел да не поврзе повеќе со природата, да се создаде една поголема комуникација со неа во просторот во кој живееме секако како и во урбаната средина надвор. Сакаме да потсетиме дека мораме да го негуваме зеленилото колку можеме повеќе  и да го гледаме како врвна творба и уметничко дело како и секое друго природно создание, и не само да потсетиме но и да покажеме дека е поубаво кога е така“, додава Сарита.

Цвеќињата на изложбата беа од продажен карактер, а секое од нив, како што потенцираат авторките во изминатиот период со голема љубов било негувано токму од нив двете. Сарита посочува дека ваквите зелени изложби, каде природата и потребата за заштита на природната средина се во фокус, се многу ретки и нивниот проект е своевидна иницијатива да се зголеми бројот на вакви активности. Двете уметници планираат следната година изложба на иста тема во истата галерија, со тоа што целата просторија би се трансформирала во една целосно зелена природна соба.„Вакви проекти можат да придонесат кон еден поубав и посмирен живот, бидејќи природата знаеме го има тоа својство да смирува и да не доведе до една постабилна, побалансирана состојба“, вели Сарита. Фотографии: Андријана Облешевска