Љубителите на пивото во Скопје од неодамна имаат нов простор каде може во пријатна атмосфера и креативен ентериер да уживаат во вкусот на нефилтрирано пиво. Новата пивница „Центар бар“ се наоѓа во центарот на Скопје, на локацијата каде пред многу години се консумираше брза храна. За разлика од минатото на просторот, пивницата со својот елегантен индустриски ентериер, проектиран од архитектите Ерина Филиповска и Милан Диневски (www.citycreative.net), нуди сосема поинакво искуство за дневните и вечерните излегувања во Скопје.

Пивницата е на две нивоа и е уредена едноставно, како екстериерно, така и ентериерно. Без многу апликативни елементи на фасадата од објектот во којшто се наоѓа, не излегувајќи од рамките на нејзината пластика и случајно или намерно во ритамот на истата, со едноставен фонт и во кирилично писмо, на фасадата со светлечки букви стои напишано името на пивницата. Стаклената фасада, пак, открива дел од ентериерната приказна, мамејќи ги на овој начин љубителите на пиво и добар дизајн да влезат и да уживаат во ентериерот на просторот.

„Мотивот за отварање на оваа пивница е промоција на првото нефилтрирано пиво (craft beer) во Македонија како ексклузива на овој простор. Односно маркетингшкиот пристап за промоција на пиво со создавање на современ простор, во релација со современиот начин на конзумирање пиво, преку архитектонско обликуван амбиент на најдобра локација“, велат Филиповска и Диневски.

Со нивните идеи и дизајнерски пристап, креираат простор со „лесна“ удобност на прв поглед и елегантни и отмени детали, со едноставност во чистината на материјалите (бетон, дрво, метал). Ентериерот претставува динамична фузија на бетон со природното, постигната преку микс на соголените, сурови, бетонски ѕидови, конструктивни елементи со метални детали и дрвени обработки, зеленило, мебел во пастелни бои. Вентилацијата и електричните инсталации наместа се оставени видливи во целост, носејќи ја темата за индустриски простор. Во целата слика, ентериерот во основа содржи умерена доза на ретро стил, а начинот на кој е уреден просторот овозможува и просторот и стилот да останат актуелени и кога ќе помине „модата“ на ретро трендот.  Чувство на пријатност е присутно на двете нивоа во просторот, како на приземјето, така и на галеријата на второто ниво која нуди поголема интимност. Веднаш до влезот на просторот е поставен комфорен, островски бар, кој доминира на првото ниво. Како доминанта, барот е изместен од центарот на просторијата, така што не го попречува движењето кон скалите за горното ниво, а истовремено има блиска врска со кујната. Стоплен со неочекувано рустикална, бакарна лушпа, надополнет со голема цистерна за точење пиво како централен обликовен елемент, барот добива интересна позадина на страната каде е во контакт со кујната. Преградата помеѓу главниот простор и кујната е полутранспарентна површина со неправилна геометрија, со која креативно е затворен делот за готвење. Посилното осветлување во делот каде е кујната правејќи илузија дека се наоѓате во отворен простор, проектира силуета на калкан со што се добива шмек на градски, уличен, урбан амбиент.

Локацијата, како што посочуваат архитектите, е причина плус заради којашто просторот го доби неговото реобликување во оваа форма.

„Порано,  во  отсуство  на  мобилни  телефони, главна локација за средба во Скопје беа Рекорд или Форум. Со затворањето на McDonald’s, кој се наоѓаше во истиот простор како и пивницата, се оддалечи логиката на оваа локација како централно  место  во  градот.  Бидејќи  содржината  ги  прави  централните  простори  во градовите, оттогаш се  чуствуваше  очајна потреба нешто да селучи на  оваа локација. Со можноста да работиме на овој објект ја добивме и одговорноста, параметар кој самите си го зададовме, повторно да ја направиме оваа локација главно место за средба во Скопје“, велат архитектите Динески и Филиповска.Како баланс помеѓу микроцементниот под од првото ниво и бетонската ситноребреста меѓукатна конструкција се појавуваат дрвената обработка на скалите и подот од галеријата. Црната челична ограда додава „фотошопски“ контрастен ефект, како контура на краците од скалите и на самата галерија. Едноставната линиска ограда не ги нарушува визурите од катот кон шанкот и обратно, а индиректно се врзува со видливите кабли од електроинсталациите, посебно со светилките. Раздвиженоста и динамиката од првото ниво, не се повторува на галерискиот простор, кој е решен со мулти-зонско седење и мебел во пастелни тонови, што дополнително ја нагласува интимноста и пријатност на амбиентот во овој дел.
Изборот на материјали и решителноста да се ослободат ѕидовите и конструктивните елементи од завршна обработка, посебно во деловите покрај излогот, акцентирајќи ја зоната за седење покрај него, дозволува благо претопување на внатрешниот со надворешниот простор – улицата. Грубоста на подот и необработените површини, како и фиктивното навлегување на градскиот асфалт во просторот, ненаметливо е смирен со исклучителна елегантност на декорот, а ги задржува рамките на целта на просторот, односно уживање во чинот наречен пиење пиво.
„Центар бар“ е ново место во центарот на Скопје, кое делува дека ќе остане верно на намените – пиво, храна и социјализација. Со зрела свесност за околината во која се наоѓа, без обид да избега од градот и да создаде илузија на простор вон град, станува уште еден сегмент којшто треба да биде дел од урбаниот метаболизам.

Фотографии: Андријана Тилиќ