Светол, современ и полн со младешка енергија е пространиот апартман дизајниран од архитектонското студио „COA Mimarlik“. Овој удобен современ ентериер се наоѓа во Истанбул и веднаш го скокотка интересот со својот интересен распоред, уредување и бои.

Она што го прави уникатен овој ентериер е максималната искористеност на просторот од страна на архитектите за да се овозможат што повеќе катчиња за чување на облека и предмети, без домот да изгледа пренатрупан и без просторот да изгледа загушен од шкафови. Ако се погледне целиот ентериер, тој ужива во светлина и пространост, слободно дише според начинот на кој е дизајниран. Доминира белата боја и светли природни тонови за голем дел од мебелот, а мал контраст на таа светлина внесува големиот тросед во темно сива боја кој внесува и поотмена нота во целиот простор.

Пространата дневна соба во која влегува светлина од широкиот централен прозорец е испланирана заедно со трпезаријата. Трпезаријата е составена од долга дрвена маса со различни столчиња, добивајќи еклектичен изглед. Ѕидот зад трпезариската маса има интересна инсталација во форма на карта на светот, што му дава интересен елемент на целиот простор. Веднаш од спротива е ѕидот каде е суптилно поставен телевизор, опкружен со бели интересни полици наредени како скали, каде може да бидат поставени книги, цвеќе или што сакаат сопствениците. Исклучително добар архитектонски потег е одлуката покрај ѕидот и прозорецот да се постави мал простор за релаксација и поглед кон градот, на кој може да се ужива со добра книга или само да се мечтае додека се посматра урбаниот ритам.

Апартманот има практична и функционална кујна, исто така со голем број складишни елементи, како и мала бања и тоалет во современ стил. Спалната е релаксирачка, уредена минималистички со кревет, шкафови, интересен лустер и дрвена рамка над креветот која може да се искористи за мало декорирање на просторот со висечки растенија.

Особено интересен простор е и малата работна соба во која доминираат геометриски дезени. Работната соба има креативен црн ѕид-табла на која може да се запишуваат работни обврски, или пак едноставно да се цртаат декоративни цртежи кои го освежуваат карактерот на собата. Главниот лустер е во индустриски стил со геометриски, остри линии. Геометриската тема продолжува и на ѕидот кој изгледа како комплексна мрежа прекриена со полици во речиси тетрис шема. Неочекуван момент во целата работна соба е мало парче природа, односно дел од подот кој е прекриен во бели крупни камчиња, кои внесуваат мала зен-доза во просторијата.

Целиот стан е полн со топла, младешка и весела енергија, правејќи го одлично и живо катче и за одмор и за забави со пријателите, кои преку декорот целосно го гледаат енергичниот, истражувачки и номадски дух на неговите млади сопственици.