Дневната соба во многу случаи е срцето на домот. Во неа се одвиваат сите друштвени активности, се собираат пријатели, целото семејство, во неа се споделуваат голем број од заедничките убави моменти. Ако спалната соба е местото за тишина, релаксација и приватност, дневната е оној позабавен дел каде може да се игра со тонови, бои, дезени за да се креира пријатен простор и за релаксација, но и за забава со семејството и пријателите.

Поголемите дневни соби со својата пространост нудат повеќе можности за декорација и уредување, но оние помали дневни соби секогаш се малку попредизвикувачки за уредување и барааат добро планирање на декорот, складишниот простор и неопходниот мебел. Во продолжение неколку идеи за покреативно уредување на малку помали дневни соби за да изгледаат повпечатливо, без да делуваат задушени во декорот.

Истакнете го просторот со интересен килим

Доколку живеете во гарсоњера или отворен апартман без многу ѕидови може да ја дефинирате дневната соба со впечатлив килим. Независно дали ќе биде во неутрални или силни тонови, килимот ќе го дефинира просторот и ќе ѝ даде посебен карактер на дневната соба, истакнувајќи ја како посебен простор.

Користете мебел од стакло

Мебелот од стакло како стаклените маси помагаат просторот да изгледа малку поголем и попростран. Стаклото како материјал овозможува низ него да поминува дневната светлина и го осветлува и освежува просторот. Исто така, мебелот од стакло за разлика од другиот тип на мебел не го затвора просторот, туку го прави визуелно поотворен.

Играјте си со смели силни бои

Доколку имате само бели ѕидови и под во светли нијанси собата ќе изгледа отворена, пријатна, светла и попространа, но истовремено може и да биде малку безлична и студена. За да внесете карактер и игривост во светлиот простор поиграјте си храбро со поинтензивни бои како црвена, жолта или пак сина за мебелот, перничињата или декорот. Одберете барем едно парче или повеќе детали кои ќе доминираат со својата боја и ќе изнудат насмевка. Просторот ќе изгледа посмел, полн со енергија, а истовремено ќе ја задржи онаа светла и пријатна нота од белите и светли тонови од ѕидовите и подот.

Повеќе мали масички наместо една голема клуб маса

Наместо да одберете една голема клуб маса која ќе го затвори и ограничи просторот во малите дневни, одберете неколку помали модуларни масички, со кои може да си играте и да ги уредите и преуредувате во секое време и коа ќе го отворат и направат просторот во дневната поигрив и позабавен.

Искористете ги ќошевите

Во секоја дневна соба има барем едно празно ќоше кое може добро да се искористи наместо да стои празно. Може да поставите полици, ламба, декор па дури и растенија. Ваквиот потег ќе внесе дополнителна динамика во просторот, ќе го направи и овој дел од собата впечатлив и интересен, ќе го освежи просторот и ќе помогне да излгеда визуелно уште поголем од што навистина е.

Искористете ја добро клуб масичката

Доколку се одлучите за клуб масичка наместо неколку помали модуларни маси, можете да направите спој две во едно и да ја искористите масичката и како трпезариска маса. Обидете се да најдете или да ви изработат маса која ќе може лесно да се трансформира од клуб маса во трпезариска маса за заеднички ручеци или вечери за да заштедите на простор.

Користете мал мебел

Мебелот за дневната треба да е пропорционален со големината на собата. Ако дневната е помала нема потреба да купувате преголем мебел кој ќе го ограничи дополнително движењето и просторот во дневната соба бидејќи не сакате од простор за релаксирање да добиете пренатрупана соба. Доколку се одлучите за помал мебел имате можност да играте повеќе со бројот на парчиња мебел кои ќе направат собата да изгледа удобна и ќе им понудат на сите простор за релаксирано уживање додека се чита книга, гледа филм или ужива во заедничките разговори.

Скриен складишен простор

Бидејќи во помалите соби најважно е просторот да се искористи стратегиски најдобро што може, одлучете се за софа која се отвора и има складишен простор во долниот дел. Тука може да складирате дополнителни перници, ќебиња, книги, декор, се што користите во дневната соба, но сакате да го имате уредно собрано на едно место за просторот да не изгледа неуредно.

Минималистички пристап

Најдоброто решение за помалите дневни соби е минималистичкиот дизајн. Помалку парчиња мебел и скромен, но креативен декор помагаат собата да изгледа попросторно, поуредно и пријатно. Одберете помалку, но повпечатливи парчиња кои ќе му дадат карактер на просторот, и истовремено ќе помогнат да изгледа пријатно и удобно.