Тајванското студио „HAO Design“ проектираше отмен и забавен дом во Пингтунг, Тајван за едно современо четиричлено семејство. Просторот е интересна комбинација на елегантен, луксузен и забавен дизајн, кој одговара на потребите и интересите и на родителите и на децата во семејството. Родителите сакале пространиот трисобен дом да биде уреден поелегантно и класично, додека пак децата позабавно и поеклектично.

Со цел да се понуди компромисно решение, архитектите ги имаат уредено детските соби покреативно, додека пак заедничките простории како дневната соба се со современи елементи, но сепак малку поотмени и класични. Просторот е декориран минималистички и одмерено и оддава атмосфера на релаксираност и спокојство.

Архитектите како своја појдовна точка го земале прекрасниот поглед кој станот го има кон паркот и се обиделе целиот декор и уредување да го креираат околу него. Ѕидовите се изедени со бели декоративни панели, а прозорите се широки и внесуваат светлина и топлина во ентериерот. Белата боја и неутралните, смирувачки тонови доминираат во целиот простор и допринесуваат за еден поелегантен и покласичен изглед на станот.

Мебелот е елегантен и едноставен, во темни тонови и создава контраст на белата позадина која е како уметничко платно. Дел од парчињата имаат скандинавски изглед, дел се ексцентрични и игриви како лустерот над трпезариската маса кој изгледа како неколку мали сребрени облачиња.

Дневната соба е поврзана со трпезаријата и кујната. Архитектите направиле мал трик и дневната има еден заеднички дел и еден поизолиран дел, уреден со познатата фотелја Барселона, дизајн на Мис Ван Дер Рое. Овој малку изолиран дел има поголема приватност и е совршено мало катче за мечтаење, читање или релаксирање во тишина, со поглед кон терасата и градот.

Спалните соби на родителите се уредени покласично, додека пак детските соби иако се со поелегантна нота имаат креативно изведен и специфично дизајниран мебел. Креативен и специјално дизајниран е и мебелот на терасата, изведен како едноставна дрвена клупа со ефективен спојувачки детал како кожен ремен, опкружена со бујно зеленило.

Неутралните тонови од дневната продолжуваат и во спалните соби и бањата, изведена со светол мермер со крем ноти.

Како целина станот е релаксирачки и елегантен, но секој посебен простор има свој шарм и специфични карактеристики кои одговараат за интересите и карактерот на секој семеен член.