Уживањето во топлите лета среде медитеранската природа е суптилно пресликано во ентериерот на летната куќарка „Little House in Campo“ на Ибица. Архитектонското студио „Standard Studio“, кое го уреди ентериерот во просторот, прави креативен спој на идејата за летна свежина преку белите ѕидови, топлината на Медитеранот преку светлиот медитерански камен од кој е изведен дел од ѕидот во кујната и старата архитектура преку таванот од дрвени греди.

Уредувањето е симпатично, креативно и минималистичко со цел да се дозволи што поголема слобода и уживање во домот. Просторот е пренаменет, куќата што порано се користела како амбар и штала сега е трансформирана во современ удобен дом во кој може да се ужива во убавината на Ибица. Од старата структура е зачуван таванот од дрвени греди, кој внесува рустична нота во современиот ентериер, како и стариот камен ѕид, кој сега е дел од новата кујна. Во духот на задржување на автентичната шпанска архитектура, сите рамки за прозорци и балконските врати се изведени од дрво, а ѕидовите се од бел камен.

Ibiza Interiors - Ibiza Campo

Белите ѕидови внесуваат свежина и креираат неутрална атмосфера во која лесно се вклопува современиот креативен декор. Ламбите низ просторот се во современи ноти, а мебелот е главно во ретромодерен стил преку шаренило од „Ејмс“ столчиња во различни модели.

Ibiza Interiors - Ibiza Campo

Просторот е поделен на две нивоа преку едноставни скали. Спалната соба се наоѓа на вториот кат и има визуелна врска со дневната и со трпезаријата. Зад трпезаријата е поставена едноставната кујна во која доминира рустичниот камен ѕид. Вметната е само едноставна црна кујнска површина на која се наоѓа и мијалникот, површината за работење и шпорет. Просторот е разигран со цртеж во поп-арт стил.

Ibiza Interiors - Ibiza Campo

При уредувањето на просторот, архитектите работеле на многу повеќе од само дотерување на естетскиот изглед. Бидејќи објектот долго време бил запуштен, огромен дел од конструкцијата била реконструирана од почеток, а предизвик било и да се донесе вода, струја и да се воведе соодветен канализациски систем во куќата. Водата доаѓа од приватен бунар, а за да има топла вода, се поставени соларни панели, поради што куќата е самоодржлива и енергетски ефикасна.

„Standard studio“ целеле и успеале да создадат современ удобен дом што е игра и контраст на старата архитектура, современиот дизајн и технологија. Куќата ужива во зеленилото и медитеранската природа во смирувачка, зен-околина.

Ibiza Interiors - Ibiza Campo