Светските дизајнери и архитекти зачестено се фокусираат на дизајнирање на ентериер,мебел или дизајнерски концепти за мали простори инспирирани од глобалниот тренд на живеење во мали станови или делење апартмани и соби. Еден таков пример доаѓа од дизајнерот Нилс Холгер Морман, кој изработи компактна и практична коцка за живеење во микро станови.

Дизајнерската коцка содржи се што му е потребно на еден човек за практично и удобно домување. Морман, кој е самоук германски дизајнер и изработувач на мебел, ја именува како „Kammerspiel“, во превод мал или интимен театар и коментира дека во суштина оваа коцка е најголемото парче мебел кој го има изработено. Ова дизајнерско парче како што објаснува ќе им помогне на луѓето да заштедат на простор во малите студија или станови и да имаат повеќе простор за комотно живеење.

„Во време кога становите по прифатливи цени се намалуваат „Kammerspiel“ може да биде соодветно решение. Ова е соба во соба и има во себе собрано доволно карактеристики и простори, со што овозможува останатиот дел од станот да изгледа полесно и попросторно“, коментира Морман.

Неговата дизајнерска коцка за домување е склоп на повеќе соби како спална, трпезарија, кујна и мала дневна соба. Секојод овие простори е организиран на различна страна од коцката. Од едната страна се поставени скали, кои истовремено се дизајнирани и како фиоки кои нудат складишен простор. Скалите водат до врвот на коцката, каде е поставен кревет односно спалната соба. Со самиот факт што е на врвот на коцката спалната соба има доза интимност и приватност како во сите стандардни станови.

Дизајнерот вметнал и вграден шкаф и складишен простор во внатрешната страна на коцката, што овозможува станот да изгледа уредно во секое време.

Како што потенцира Морман, дизајнерската коцка може да се адаптира според индивидуалните барања и вкусови на клиентите со цел да одговара на нивниот стил и навики.

Оваа дизајнерска идеја нуди интересно решение за глобалниот простор со се помали станови за домување за поголемиот број луѓе. Младите, луѓето без големи семејства во големите градови понекогаш по избор, понекогаш поради самата понуда и висина на цените за изнајмување или купување живеат во студија и мали апартмани кои бараат голема креативност да се вклопат сите простори, гардероба, мебел и лична сопственост во неколку метри квадратни, а просторот сепак да изгледа уредно и естетски привлечно.