Ентериерот на привремениот хотел „Koti Hotel“ во Париз наликува на прошетка низ шума полна со дрвени куќарки за одмор од долгите прошетки низ природа. Овој несекојдневен ентериер е проект на дизајнерката Линда Бергрот и има за цел на овој комотен простор во француската престолнина да долови атмосфера на типично искуство во финската природа.

Наместо стандардните соби, овој проект е изведен со огромен број куќарки во еден простор и заедничка трпезарија наместо посебен хотелски ресторан. Секоја од куќарките претставува посебна удобна хотелска соба. Куќарките се изведени во стил на типични скандинавски куќарки од дрво, кои често се сретнуваат во помалите скандинавски градови и како викенд-куќи во природа.

Целиот концепт на дизајнерката е овие неколку помали куќарки да бидат еден заеднички поголем дом. Секој од гостите престојува во посебна финска куќарка, но сите заедно имаат типичен фински појадок на една голема заедничка трпезариска маса, која потсетува на голема заедничка маса за пикник во шума.

Просторот е уреден со скандинавска минималистичка естетика, едноставно, во светли тонови. Поради ова сите соби изгледаат релаксирачки и удобно,  а минималистичкот уредување дополнително поттикнува и поголема социјализација меѓу гостите во овој мал интересен хотел.


За да се долови целосно финска автентична атмосфера просторот е уреден со елементи од скандинавски дизајнери, а гостите добиваат специјален пакет од реномирани фински дизајнери. Секо утро се будат со специјални светла кои симулираат природна сончева светлина- дизајнерски изум кој помага да се надмине зимската депресија за време на темните скандинавски денови, а првото кафе го пијат во специјално дизајнирани шолји од фински дизајнери.

Сепак, дизајнерката на проектот Бергрот смета дека она што е важно во просторот не се елементите од финските дизајнери кои го потенцираат современиот фински дизајнерски потенцијал, туку финската култура на заедничко живеење и делење на работите, како во помалите селца и градови во државата.

Експерименталниот ентериер ќе биде изложен во финските инситути во Бенелукс, Берлин и Лондон, а ќе биде дел и од неделата на дизајн „Maison et Object“.