Урбаните номади и современите туристи сѐ повеќе бараат покреативни и повозбудливи места за преспивање. Обичната хотелска соба со посолена цена без креативен ентериер често паѓа во сенка на креативно уредените хотелски и хостелски ентериери што се трудат хотелскиот престој да наликува на удобно домување или на забавна туристичка авантура.

Хотелот „Jam Hotel“ во Брисел спаѓа во редот на оние хотели што нудат необично хотелско доживување. Хотелот се наоѓа на простор на поранешно училиште за применета уметност во белгиската престолнина. Со својот нов креативен ентериер, прошаран со огромен број уметнички инсталации и скулптури и необични ентериерни комбинации, останува верен на дивиот и експериментален уметнички дух на старото училиште.

© JAM / Oana Crainic

Просторот е поделен на хотелски соби, ресторан, неколку различни барови и поголем број заеднички простории, меѓу нив цела соба со игри, каде што гостите може да се дружат меѓу себе или да уживаат додека одмораат од прошетките низ Брисел. Уникатниот ентериер го уреди студиото „Atelier Liolen Jadot“, кои во комбинација со желбите на сопствениците направиле микс на старата архитектура и современиот дизајн на ентериери, уметничките инсталации, индустрискиот дизајн, забавното и неочекуваното.

© JAM / Oana Crainic

Како што објаснуваат сопствениците на хотелот, тој е именуван како „Jam“ бидејќи во него се вклопени различни идеи за уредување на ентериерот, хотелски соби, базен на покрив и ресторан со една од највкусните пици во Брисел, како и различни материјали, меѓу нив главно дрво и бетон, едноставни и шарени бои, заеднички искомбинирани во забавен и хармоничен простор што сам по себе е туристичка атракција за Брисел.

© JAM / Oana Crainic

Најинтересни се заедничките простории. Низ ѕидовите на дел од нив се извајани во бетон различни уметнички скулптури што потсетуваат на креативниот дух од уметничкото училиште. Доминира индустриска атмосфера преку грубите ѕидови и тавани од бетон. Во еден од рестораните оваа атмосфера е оплеменета со мебел од светло дрво и таван изведен во разни бои, инсталација што внесува свежина и игривост во просторот.

Индустриската нота продолжува во една од заедничките соби за релаксација и читање исполнета со удобен мебел. Тука, освен соголениот ѕид од црвени тули, дизајнерите искористиле пресечени бетонски цевки како ефективни полици.

© JAM / Oana Crainic

Собите се поделени од луксузни индивидуални апартмани до хостелски уредени соби со неколку кревети на кат. Во дел од апартманите е задржана и потенцирана старата структура преку старите ѕидови од црвена тула и таваниците со соголени бетонски греди.

© JAM / Oana Crainic

© JAM / Oana Crainic

Уживањето во ентериерот оди сѐ до покривот, каде што е изведен простран базен со панорамски поглед на Брисел.

© JAM / Oana Crainic

Фото: JAM / Oana Crainic