Работниот простор „Utopic_us“ е можеби најнеконвенционалниот и најчудниот „coworking“ простор кој ќе го видите. Игрив, весел, полн бои, необичен декор и мебел, овој простор во Мадрид повеќе потсетува на игротека отколку на работен простор.

Заедничките необични работни канцеларии ги уреди архитектонското студио „Izaskun chinchilla architects“. Нивната инспирација е динамиката и живописната култура на Јапонија и Њујорк. Урбан стил, бои насекаде по подот, ѕидовите декорот, гумени топки, се чини дека целиот чуден дух на современата јапонска култура и смелоста на Њујорк е пресликана во овој простор.


Архитектите при уредувањето пристапиле со „Направи сам“ стил, применувајќи во суштина техника која ја користат младите клиенти на работниот простор. Најголем дел од мебелот е од ИКЕА, само модифициран и уреден да одговара на работните потреби на клиентите, како и за да се овозможи интересен декор во просторот. Искористени се полици од шведскиот бренд, рамки за кревети на кат, складишна фиока од кревет и пренаменети како скали, функционален мебел за ѕидот и уникатни бироа.

Еклектичната атмосфера е со цел да им се овозможи на клиентите да имаат простор каде ќе се чувствуваат удобно, пријатно и кој ќе одговара на сечии индивидуални работни потреби. Ентериерот е отворен, не е загушен со премногу мебел и декор. Покрај океанските канцеларии каде бироата се изведени од рамките за кревети на кат, а столчињата се висечки лулашки има и осум приватни канцеларии за состаноци.

Во големиот канцелариски океан има и мала сцена за караоке, каде вработените и нивните гости може да се забавуваат или пак да одржуваат различни конференции и дебати.

Од таванот висат чудни играчки риби и топки за пилатес, кои креираат бизарен, но истовремено и забавен карактер во овој несекојдневен работен простор.