Една авантуристичка двојка од САД низ државата патува во уште поавантуристичка приколка. Со желба да ја имаат можноста постојано да може да го вежбаат она што најмногу го сакаат-качување на карпи, младото американско семејство од Мисисипи нарача специјално дизајниран мал дом-приколка со фасада во форма на карпа за качување.

Уникатната и забавна приколка ја дизајнираше дизајнерската компанија „Tiny Heirloom“, која е специјализирана за дизајн и изградба на мали домови. Приколката има забавен екстериер и удобен и современ ентериер за целосно уживање додека се патува. Оваа мала авантуристичка приколка целосно наликува на дом со современ ентериер, така што и додека се на пат сопствениците се чувствуваат исто како да се дома.

Предната фасада на приколката е изведена од модуларни панели за качување и изгледа автентично како ѕид за качување. Само што ќе се паркира приколката, било кој од сопствениците или нивните пријатели може да почнат да се искачуваат и забавуваат со овој спорт. Другиот ѕид на приколката, пак, се отвора целосно како врата од гаража и го поврзува ентериерот со природата надвор.

Внатрешниот дел е уреден модерно, а целиот простор е паметно искористен. На едниот крај од приколката е поставена трпезариска маса, над која пак е мала дневна соба за релаксација и работен простор. Централно е современа кујна, а на другиот крај е мала, но луксузно уредена бања, а над неа е спалната соба.

Низ целиот простор се распоредени бројни прозори, кои овозможуваат современо уредениот домашен ентериер во овој мал, мобилен дом да изгледа уште попримамливо.