Шпанското архитектонско студио „Nook architects“ си игра со ведри бои, плочки, стари и нови материјали во нов мотел во Барселона. Старата зграда под палката на ова архитектонско студио е трансформирана во топол, светол и пријатен простор за одмор во еден од најдинамичните градови во светот.

Архтектите реновирале два ката од старата зграда, кои се уредени како апартмани за гости со сите потребни детали. Секоја просторија е светла, со високи балконски врати и прозори, кои овозможуваат доволно количество дневна светлина за просторот да е пријатен за уживање. Покрај светлината, просториите се отворени и пространи, без премногу врати и ѕидови, само најпотребните за заедничките простории да се поделат од спалната соба. При уредувањето архитектите си играле со старите материјали, па при реновирањето дел од дрвените столбови се оставени во оригинална состојба, а некои од ѕидовите се оставени соголени, со видлива црвена тула која му дава посебен шарм на просторот во комбинација со шарените плочки на подот во различни геометриски дезени.

Во реновирањето старите дрвени рамки на прозорите и дрвените ролетни се заменети нови дрвени и алуминиумски за да се подобри протокот на светлина во ентериерот.

Впечатлив елемент во просторот се светло сините плочки на двата спрата. На едниот кат се искористени во кујната, со цел да се осветли темната кујна и да се внесе свежина во тоалетот, каде се оставени ѕидови само со црвена тула. Архитектите коментираат дека овие сини плочки се заедничка црта и на двата ката, елементот кој ги прави дел од една целина.

Азурно сината која потсеќа на бојата на Медитеранот доминира низ просторот и за еднобојните и шарените плочки, за дел од елементите во кујните и тоалетите, како и за дел од вратите. Со ова архитектите пренесуваат дел од карактеристичните бои на градот во самиот ентериер, кои заедно со светлината креаираат релаксирачка атмосфера.

Просторите се уредени минималистички, без посебен декор, со удобен мебел и топли бои. Комбинацијата на бои, природни материјали, старите ѕидови од тула се главниот декор и во заедничките простории и во спалните соби. Уредувањето е во современ стил, но задржан е дел од традиционалниот шарм на градот.