Архитектонското студио „JFAK“ преуреди стар индустриски магацин во современи канцеларии и заеднички работен простор за компании посветени на заштита на животната средина. Пренаменетиот простор во Лос Анџелес го има задржано својот автентичен индустриски шарм со старите елементи како ѕидовите од црвена тула и дрвените потпорни греди, но е освежен со нови елементи, работни простори и светла со современ дизајн и интересни геометриски форми.

Целта на архитектите била од стариот магацин да се добие уникатен простор кој ќе одговара на целта и ќе биде инспиративен за различни владини и невладини организации и претприемачи кои се занимаваат со животната средина и развивање на зелената економија. Главната идеја зад дизајнот на заедничките канцеларии е да се добие флексибилен работен простор кој ќе поттикнува соработка меѓу различните организации, со цел поефикасно работење и покреативни резултати на заедничката тема.

Поради ова канцелариите се работени на принцип како едно мал заеднички град кој функционира и посебно и преку соработка, со отворени работни простори, места за поголеми отворени и неформални состаноци и заедничко место за неформално дружење каде вработените до различните организации може спонтано да се запознаат и да започнат соработка. Целиот магацин нуди голем простор од над 5000 метри квадратни и во него се сместени канцеларии, конференциски сали, лаборатории, работилници за изработка на прототипи и простор за јавни настани.

Со цел да се задржи индустрискиот дух на просторот во канцелариите на „La Krez Innovation Campus“ архитектите ја имаат поставено целата мрежа на воздушните канали отворена, а не скриена под таван. Каналите прават интересна мрежа со долгите светлечки инсталции со цик-цак форми кои се протегаат низ целиот простор, креирајќи еден долг тавански лавиринт.

Работните простории се изведени како посебни коцки со различни геометриски форми и бели ѕидови, кои внесуваат свежина и прават стилски контраст на ѕидовите од тула. Со цел да се задржи зелената нота во просторот, еден од ѕидовите во лобито е изведен како вертикална градина.

Канцелариите се од отворен, океански тип, повторно за полесна комуникација и соработка меѓу вработените, а меѓу бироата, во лобито и низ останатите делови се поставени и меки импровизирани каучи за понеформална работа на потивко и поизолирано место, како и за мал одмор меѓу работните обврски.


Кампусот нуди и паркинг за велосипеди и станици за полнење на електронски возила, а покривот на паркингот е покриен со соларни панели како алтернативен извор на енергија.