Една работа на која најчесто и се воодушевуваат посетителите на Солун се беспрекорно уредените кафулиња и ресторани. Во редот одлично дизајнирани кафулиња е и малиот бар „Otto e mezzo“ , лоциран на шеталиштето покрај морето, на само неколку чекори од плоштадот Аристотел.

Малиот бар и бисто во современ стил е уреден од грчките архитекти „Ark4lab of architecture“ и веднаш визуелно ги привлекува посетителите. Во просторот доминираат индустриски елементи и бројни внимателно одбрани декоративни детали кои креираат необична атмосфера што оди одлично со фантастичните коктели и медитеранската храна.

Архитектите направиле мозаик од материјали и идеи во просторот: ѕидови кои се направени да изгледаат како да се стари и излупени, кожа, старо дрво, метал, индустриски столчиња. Сето ова е споено во едно прекрасно пакување во кое се ужива заедно со џез музиката која доминира во кафулето.

Индустриските ѕидови кои делуваат стари и избледени се комбинација од сива и црна боја и надополнети се со рустични детали од дрво. Барот е изведен од бетон, а површината од масивно дрво, кое е искористено како материјал и за малите барски масички низ целиот простор. Барските столици се целосно во индустриски стил, изведени од метална основа и покриени со црна кожа.


Интересна игра е направена со црни мали плочки кои се искористени за да се покрие дел од ѕидот кој се користи и за седење во барот, а истиот „трик“ е употребен и на влезната врата и фасадата на барот.


Игрив елемент е лустерот од светлечки топки поврзани со жолто јаже, кој може да се менува , растегнува, повлекува, спушта надолу или влече нагоре, а со тоа и да го менува ликот на ентериерот.

Низ барот се провлеклува филмска нота. Самото име на местото е истоимениот филм на Федерико Фелини, а еден ѕид е прекриен со ликот Тони Сопрано од познатата серија „Сопранови“.

Фото: © Stereosis Creative Photography, Emmanouil Papadopoulos