Еден од проблемите со живеењето во мали домови и гарсоњери е чувството на едноличност на просторот. Се е во еден мал простор, нема промена од соба во соба која често им е потребна на оние кои живеат во мали еднособни простори. Архитектите од „Mode:lina“ успеале да овозможат „бегство“ од тоа чувство на постојана затвореност во еден ист простор во гарсоњера од 38м2 во полскиот град Познан.Сопственикот сакал просторот да биде уреден современо, едноставно и истовремено да изгледа удобно и неформално за домување, но од друга да изгледа и доволно формално и професионално за да биде и делумно работен простор и место каде би можеле да го посетуваат неговите клиенти за работа. Уште еден елемент на кој требало да се внимава е и желбата во домот да има едно мало тајно катче за игра за шестгодишниот син на сопственикот.Земајќи ги сите овие барања и големината на просторот во предвид, архитектите се обиделе внимателно да го искористат максимално секое парче простор. Едниот агол на станот има голема коцка од ОСБ панели во која се вклопени неколку соби: кујната, мала канцеларија со работна маса, спална соба и мало скриено детско катче безбедно за игра. Спалната соба односно креветот е поставен на врвот на конструкцијата и до него сопственикот се искачува преку едноставни дрвени скали.Позади бирото, штом се тргне мобилната библиотека има мал простор предвиден за детска игра, кој лесно може да се скрие од очите на клиентите повторно со библиотеката. Просторот е уреден минималистички, со една софа во ретромодерен стил, биро и неколку декоративни постери на ѕидот. Со цел да се искористи подобро просторот, велосипедот на сопственикот е закачен на ѕидот, имајќи истовремено и практична и декоративна улога.