Освен што е центар на велосипедизмот, шареноликиот Амстердам е и европски центар на фантастичен дизајн и ентериери. Слободата на духот која постои во градот е пресликана и во неговите ентериери и приватните и комерцијалните. Еден таков пример е новиот забавен клуб „Kanarie club“ сместен во простор на поранешен магацин за возови во западниот дел на градот.

Стариот простор каде некогаш се поправале возови, сега е преуреден и пренаменет во современ простор за забава, ручеци, дружби во опуштена винтиџ атмосфера. Во просторот доминира мебел со ретро стил, живи бои и зеленило кои му даваат сосема нов дух и шарм на местото.

Клуб-ресторанот го дизајнираа архитектите од „Studio Modijefsky“, кои при уредувањето стратегиски го имаат поделено просторот на помали делови за ручевање, пиење, релаксација, па дури и работа. Главниот бар е поставен на повисока платформа во центарот на просторот и околу него се распоредени различните зони за забава и дружба. Како клучен елемент во просторот, барот е дизајниран со два големи осветлени лаци изведени од стари железнички пруги, кои биле најдени во стариот магацин.

Задржана е во целост индустриската атмосфера на магацинот, со старите ѕидови од црвена тула, бетонските подови и старите железни столбови. Во овој дух одлично се вклопува мебелот со винтиџ ноти и дрвените клупо кои потсетуваат на клупите од старите чекални на железничките станици.. Голем број од мебелот и масичките потсетуваат на седење во купе, поставени преку посебни железни инсталации со специфични светилки.

Архитектите си играат со индустриските и природните материјали, па контраст на железните столбови, бетонот и циглата е мебелот од дрво во различни бои и тонови.

Просторот е особено пријатен благодарение на бројното зеленило и веселите бои како жолтата, азурно сината и зелената искористени за одделување на различните зони. Ваквите весели бои потсетуваат на шаренилото на Амстердам и бројните летни фестивали и нивната позитивна атмосфера.

Покрај елементите кои потсетуваат на авантуристичко патување со воз, впечатлив дел е и просторијата која изгледа како огромен базен. Изведена е во темно сина боја која создава ефект на нуркање низ вода, со јасни знаци за длабочина на базен, мебел за градина и покрај базен, меки перничиња кои креираат нереално чувство и сцена за уживање во бесконечна летна забава.