Простран и забавен апартман се наоѓа на просторот на стара фабрика за чоколада во Берлин. Просторот во младешки стил со забавни елементи како карики за вежба и игра го уреди архитектонското студио IFUB, кое целеше просторот да добие современ лик и истовремено да го задржи својот автентичен индустриски шарм.

Фабриката е од 1870 година и се наоѓа во Нојколн, една од најколоритните мултикултурни и тренди населбите меѓу младите во Берлин. Нејзиното пренаменување е во духот на голем дел од архитектонските интервенции во градот, во кој голем дел од индустриските објекти имаат нова функција, главно како културен и забавен простор. Објектот функционирал како фабрика за чоколада од 1926 до 1973, а потоа бил трансформиран во станбена зграда изведена без одобрување од локалните власти. Проблемите со станарите довеле до напуштање на објектот, кој потоа се користел и како дискотека.

berlin-factory-apartment2

Архитектите креирале удобен простор за домување со пренамена на стариот индустриски простор и со задржување голем дел од старите елементи и структура. Стариот под од глинени тули е откриен при интервенцијата и оставен во истата состојба со цел да внесе индустриска нота во просторот. Во ентериерот уникатен карактер внесуваат и оригиналните ѕидови од тула, засводени тавани и железната конструкција кои се исчистени и бојадисани во бело, со што просторот добива светлина, свежина и релаксирана атмосфера.

berlin-factory-apartment3

Ентериерот е отворен, светол и простран, поделен на кујна отворена кон дневната соба, спални соби за родителите и за нивната ќерка и целосно нова бања. Во домот доминира белата боја како симбол на свежина и хармонично, релаксирано домување. Дополнителна светлина во просторот доаѓа од широките прозорци низ целиот ентериер.

berlin-factory-apartment4

Малата архитектонска интервенција, освежувањето на просторот со бела боја и играта со светлината и декорот го прават просторот уникатен и забавен спој на стариот индустриски со современиот дизајнерски шарм.

berlin-factory-apartment5