Викер Парк, еден од најрелаксираните квартови на Чикаго, преполн креативни мурали и удобни кафулиња од неодамна е дом на новиот дизајнерски хостел „The Hollander“. Хостелот со индустриски шарм и минималистички ноти го уредија француските дизајнерски студија „Ciguë“ и „Delordinaire“.

Просторот изгледа едноставно, тренди и привлечно за туристите кои го сакаат хостелското искуство и можноста да запознаваат нови луѓе и места додека патуваат. Она што го прави уникатен овој хостел е токму неговиот друштвен карактер. Имено, при букирање на престој во хостелот, гостинот треба да го запише и својот Инстаграм профил, како тој и останатите гости во тој период би можеле да се поврзат преку оваа друштвена мрежа, да се запознаат од претходно и да договорат дружење додека престојуваат во хостелот.

„Интеграцијата на хотелот со социјалните мрежи креира заедница каде повеќето од дигитално поврзаните патници ќе може да се сретнат и да споделат заеднички авантури додека патуваат“, велат од хотелот.„The Hollander“ се наоѓа во стара индустриска зграда од 1905 година, опкружен со креативни уметнички студија и интересни кафулиња. Објектот е реновиран и пренаменет со современ дизајн. Индустрискиот дух е задржан во целата зграда. Пред се се чита во лобито во кое се задржани старите столбови и ѕидови од црвена тула, дел од ѕидовите се со стар, излупен малтер кој придонесува кон целата атмосфера и внесува рустична нота. Мебелот исто така е во индустриски стил, со погруби црти и површини тапацирани со мека, темна кожа.Кафулето на хостелот е изведено едноставно во простор со светло бојадисани ѕидови и само една долга дрвена маса со ниски црни метални столчиња. Масата може да се користи за утринскиот појадок и кафе, индивидуален или заеднички ручек. Фактот што се работи за една голема заедничка маса дополнително придонесува кон идејата за поголемо дружење на гостите кои можеби престојуваат и патуваат сами.Хостелот е поделен на осум заеднички повеќекреветни соби и 12 двокреветни соби кои имаат поголема приватност. Вкупно 66 кревети се достапни за гостите во целиот хостел. Собите се уредени едноставно, со минималистички дизајнирани дрвени кревети, поставени како кревети на спрат во заедничките повеќекреветни соби. Палетата на бои е едноставна црно-бела и сива. Дрвените кревети, изведени од светло дрво со своите поведри нијанси внесуваат доза природа и светлина во собите.Заедничките соби се без многу бариери, отворени и светли со цел да се вклопат во концептот за заеднички, друштвен простор, место каде авантуристите отворени за истражување на еден од најубавите делови на Чикаго може заеднички да испланираат некоја следна патувачка авантура.