Удобна и релаксирачка атмосфера владее во кафулето „PANO“ во срцето на Штутгард. Просторот е уреден во современ стил, со индустриски ноти и со цел да им овозможи на гостите да уживаат сами или во друштво во пријатна атмосфера, фин амбиент и вкусно кафе и пецива додека купуваат во еден од најголемите трговски центри низ градот.

Кафулето го уреди германското архитектонско студио DIA, кои целеле кон тоа просторот да биде удобен и топол, за гостите да се чувствуваат како да се во сопствената или во пријателска дневна соба. Со таа цел мебелот во просторот се удобни фотелји и столчиња, минималистички декор, библиотека која е исполнета наместо со книги, со дел од производите кои ги нуди кафулето. Како елемент во просторот за подовите и дел од мебелот доминира дрвото, кое внесува дополнителна топлина во целото кафуле.
Отворениот таван со изложени воздушни канали покриен во црна боја, кожените фотелји, дрвениот мебел и под, столчињата од метал и дрво, како и интересните метални и бакарни лустери во стилот на дизајнерот Том Диксон креираат индустриска атмосфера во кафулето. Индустирското чувство е разиграно со креативни плочки со забавни дезени.

„Дневната соба“ во просторот ја дефинираат големата маса од дабово дрво долга 5 метри и високата дрвена библиотека која е висока повеќе од пет метри. Големата маса нуди простор за социјализација и меѓу различни друштва кои случајно ќе се најдат на истиот простор и потсетува на пикник маса за големи заеднички ручеци.

Помалите друштва за поинтимни разговори може да одберат место на некое од шанковите или пак некоја од помалите масички со поглед кон градот.