Урбаниот велосипедизам, добриот ноќен живот и клабингот се клучен дел од карактерот на динамичниот Берлин. Градот е олицетворение на хедонистичкото уживање во животот и урбаната култура, а најубаво се доживува движејќи се на две тркала низ него и прекрасните зелени паркови. Новиот фитнес центар „Becycle“ во популарниот берлински кварт Мите е спој на двата клучни забавни елементи на градот- велосипедизмот и клабингот.

Фитнес центарот е специјализиран за вело-спининг фитнес часови,а сопствениците сакале амбиент кој ќе биде забавен и релаксирачки, неформален и пред се нема да наликува на стандардните сали за вежбање. Салите повеќе потсетуваат на забавни дискотеки, со помистична атмосфера, додека пак другите простории се релаксирачки како удобно и пријатно кафуле во некој релаксиран дел од градот.

Фитнес центарот во минималистички стил го уредија архитектите и дизајнерите „Götz + Bilchev Architekten“ и „ Lien Tran Interior Design and DRAA“. Просторот истовремено изгледа и неформално и луксузно, со материјали како мермер за рецепцијата и позлатени металик шкафови во гардеробите, кои креираат индустриска атмосфера. Задржувајќи ја индустриската нота, вентилациските канали се изложени и прекриени во црна боја, а ѕидовите се оставен соголени, додека пак црвената тула во делови е само прекриена со бела боја.

Салата за вело-спининг е како дискотека, изведена во црна боја за ѕидовите и подот, со силни ефективни светла кои креираат вистинско светлечко шоу за време на часовите. Ваквиот ентериер креира динамична атмосфера која поттикнува уште поенергично и попосветено вежбање.

Другата сала е за вежбање јога и изведена во неутрали тонови, со елементи од светло дрво и ѕидови во бела боја, како и широки прозорци кои овозможуваат ентериерот да е природно осветлен и пријатен за вежбање.

Покрај делот за вежбање, просторот има и неколку зони за релаксација, кафуле на самиот влез со удобен мебел и фотелји и голема маса која може да се користи и како простор за работа. Со ова зоната станува и мал неформален co-working дел за заедничка работа, кој креативците може да го искористат да завршат дел од обврските пред или по вежбањето. Центарот има и мало кафуле за освежување, во кое исто така може да се ужива независно од тоа дали денот е предвиден за вежбање или не.

Со ваквите карактеристики и начин на уредување на ентериерот, фитнес центарот ја надминува границата на простор само за вежбање и станува друштвено катче за спонтано социјализирање, работа и запознавање нови луѓе во еден од најубавите европски градови.