Ентериерот на новиот хотел „Warehouse hotel“ во Сингапур е доволно инспиративен да ве поттикне веднаш да си резервирате авионска карта до овој егзотичен азиски остров. Уреден од локалното дизајнерско студио „Asylum“, хотелот е совршен спој на индустрискиот стил и софистицираниот дизајн.

Хотелот кој има доза елеганција и луксуз во секое катче се наоѓа во простор на стар индустриски магацин. Историјата на просторот за архитектите бил особено важен фактор и се обиделе новиот ентериер да го отсликува индустриското минато и приказна на магацинот. Како што потенцираат, фокусот при уредувањето на просторот бил да се заштити индустриското наследство и важност, а истовремено и да се прикаже еден нов, свеж поглед кон индустрискиот дизајн.
Во ентериерот јасно се чита индустрискиот дух преку ѕидовите од црвена тула, софистицираниот мебел и креативниот декор со индустриски ноти, како и преку старите потпорни дрвени греди на таванот. Хотелот е распореден во три индустриски згради на реката во Сингапур, кои порано се користеле како складиште за зачини. Иако просторот јасно потсетува на стара фабрика и магацин, сепак ентериерот е топол и релаксирачки преку одличниот избор на мебел и детали и за рецепцијата и заедничките простории, но и за гостинските соби.

Во лобито и бар/ресторано кои се споени во едно е оставен стариот ѕид од црвена тула и темни дрвени потпорни греди. Таванските штици се покриени со бела боја која внесува свежина и ја „омекнува“ суровата индустриска атмосфера. Мебелот односно столчињата и софите се во индустриски стил, главно комбинација на кожа и метал. Секое парче е софистицирано и отмено со цел да понуди и високоестетско чувство во просторот, но и удобност за гостите за време на ручеците и времето за релаксација.Овој простор делува уште поинтересно благодарение на индустриските светикли и декоративната инсталација од стари машински тркала и запчаници, која виси од таванот над масите, софите и долгиот мермерен бар за гостите.Истата естетика и микс од индустриски елементи со софистициран мебел со ретро и индустриски ноти владее и во гостинските соби. Ентериерот на собите е елегантен и минималистички, со удобни парчиња мебел за спиење, работа и релаксација на гостите за време на нивниот престој во Сингапур. Собите се комбинација на светли и потемни, спокојни тонови.Целиот хотел е возбудлива дизајнерска бајка за вљубениците во современиот индустриски дизајн.