На Скопје од неодамна му се случува нова позитивна иницијатива- урбаните интервенции „Дотерај го Скопје“ за расчистување и разубавување на запуштените делови од градот. Како што посочува и самото име на проектот, целта е да се лоцираат запуштени делови во Скопје кои создаваат грда и непријатна слика за урбаниот простор, а потоа со помош на граѓаните да се преземе акција просторот да се исчисти и уреди за да стане повторно пријатен за живеење, движење и дејствување во и околу него.

Едноставните граѓански акции за разубавување и расчистување на запуштените урбани простори се стандардна пракса. Запуштените простори прекриени со смет, западнати во мрак, честопати стануват небезбеден дел во градот кој може да доведе до различни проблеми во урбаното живеење во одреден кварт. Иако граѓаните главно очекуваат дека локалните власти треба да се погрижат за секој простор, сепак во голем дел од светските метрополи помалите граѓански урбани заедници одлучуваат да ги преземат работите во свои раце и да се погрижат просторот во кој живеат да биде безбеден и функционален за живеење- дали преку креирање мали урбани градини, бојадисување на ѕидовите, цртање мурали, колективно собирање на отпадот и потоа нивно одржување преку различни мали граѓански настани.

Токму оваа идеја дека граѓаните може да ги преземат работите во свои раце и со мали интервенции да овозможат делот во кој живеат и работат да изгледа пријатно и безбедно е она кое „Дотерај го Скопје“ се обидува да го актуелизира. Како што вели Атанас Димитров, еден од основачите на проектот, во интервју за Design.mk,  „Дотерај го Скопје“ е проект за демократизација на процесот за уредување на заедничкиот простор.Како започна приказната и што ја поттикна иницијативата за урбани интервенции „Дотерај го Скопје“?

Приказната е дел од еден поголем концепт кој на нас четворица (Мартин Трајчев, Александар Велиновски, Атанас Димитров и Тамара Георгиевска) ни се крчка веќе подолго време. Живееме во време кога од нас како да се очекува да бидеме само неми набљудувачи на сите промени (во просторот, во културата, во изгледот на градот) кои ни се сервираат. Ние сметаме дека за да се помрднеме од оваа состојба мораме прво да бидеме активни како граѓани и да ги направиме на локално ниво сите тие промени кои сакаме да ги видиме на општинско или на национално ниво.  „Дотерај го Скопје“, во основа, е проект за демократизација на процесот на уредување на јавниот простор, кој е наш, заеднички за сите. Сметаме дека за да функционира таа, да кажам, демократија во мало, мора да има активни учесници, кои ќе ја бранат и застапуваат идеајата и на ниво на аргументација и контакти со институциите, но и со директни акции на терен. За ова од голема помош ни е поддршката од момците од „Мрдни со прст“, во чии рамки  и се спроведува „Дотерај го Скопје“ како проект.

Која е главната цел на оваа идеја за интервенции низ Скопје?

Главната цел е да ги охрабриме нашите соседи да излезат заедно со нас во секоја од општините на град Скопје, да лоцираат проблеми, да предложат решение, и да го решат со наша помош. Во наредниве месеци, сакаме да направиме колку што е можно повеќе акции со граѓаните за да ги уредиме сите тие запуштени простори на кои до сега не сме обрнувале внимание или сме ги занемарувале. Кажано во бројќи, имаме 2000 садници со бршлени кои сакаме да ги засадиме до септември, планираме поставување на 5 мали, вертикални градини на различни локации низ Скопје, снимаме спотови со 5 бендови кои сметаме дека со својата музика и однос кон градот доследно ќе го промовираат проектот, и на почетокот на септември ќе организираме тридневен фестивал на кој ќе се претстават бендовите и резултатите од се што ќе правиме наредниве еден-два месеци.

Какви акции се направени до сега и во која насока ги поттикнувате граѓаните да бидат урбаните интервенции? Се оди ли повеќе на ваши иницијативи и герила акции или се чека на граѓански предлози?

До сега имаме направено околу 20 акции, неколку наши, но повеќето заедно со граѓаните кои лоцираат напуштени површини и доаѓаат со нас за да ги потсредиме и разубавиме. На почетокот размислувавме и за некаква герила варијанта на садење, но размисливме малку и стигнавме до следново: јавните простори, се наши, заеднички! Нема потреба од никакви тајни акции, затоа што нема што да се скрие. Горди сме на тоа што го разубавуваме, макар и на еден малечок, но значителен начин, нашиот роден град. Сакаме и сите со кои соработуваме да бидат горди на тоа што го имаат сработено!  Има ли поубава работа од тоа да можеш да придонесеш за тоа да се разубави местото во кое живееш? Многу не радува тоа што сè повеќе луѓе ни пишуваат, не бараат и ни пријавуваат акции. Стигнавме до тоа да треба да планираме како и каде ќе садиме барем 10 денови однапред за да можеме да ги опслужиме сите локации кои ни се пријавени. Интересно е дека „Дотерај го Скопје“ се обидува да ги активира граѓаните поактивно да размислуваат како сами да го уредат и подобрат јавниот простор околу местата каде најчесто се движат/живеат/работат. На овој начин се чини дека се обидувате да помогнете да се доразвие свеста дека покрај обврските на институциите и локалната власт, неопходно е и граѓаните да направат нешто за да се подобри квалитетот на јавните простори и на урбаното живеење. Од досегашното искуство, каква е вашата оценка, колку се будни граѓаните за оваа тема и свесни дека и самите може да придонесат со мали иницијативи како мало разубавување на просторот, бојадисување, садење зеленило?

Свесни сме дека како град имаме многу предизвици и многу прашања кои треба да се решат. Не треба да очекуваме дека преку ноќ ќе се изроди таа свест за урбаното зеленило, за  тоа дека тоа што е пред нашиот двор треба да не интересира еднакво како и тоа во него. Но, гледаме дека од почетокот на активностите во јуни веќе има придвижување – пријави, повици, акции. Тоа ни покажува дека жителите на Скопје имаат капацитет и волја да се вклучат во вакви активности, но многу е важна поддршката во текот на процесот, за да не се чувствуваат оставени сами на себе.  Сакам да ги охрабрам сите кои во моментот го читаат интервјуво да ја посетат нашата Фејсбук страна https://www.facebook.com/doterajgoskopje и нашата веб страна error501.mk, да нè контактираат и да излеземе заедно да го дотераме Скопје, како што и му доликува на еден главен град.Како планирате да овозможите една подолгорочна одржливост на овие интервенции односно истите да не останат само „дотерување за една вечер“? Јасно е дека потег како засадување мала градина или освежување на еден неуреден простор го прават местото и естетски попривлечно, побезбедно и поубаво за живеење во и околу него, но како да се одговори на предизвикот оваа интервенција да не биде заборавена по неколку недели и да се осигура дека тој уреден простор и натаму ќе продолжи да се одржува за да понуди поквалитетен урбан живот?

Се согласувам, предизвик е да се обезбеди оддржливост на вакви активности. Нашата цел е да ја подигнеме свеста на повеќе различни групи на граѓани, од млади активисти до пензионери, за по официјалното завршување на активностите да продолжат да размислуваат за тоа што недостига во нивните локални средини, и како можат сами или со малку помош од општините да го решат тоа. Понатаму, веруваме дека тие ќе ја продолжат работата што ние ја започнавме – грижа за јавниот простор, урбаното зеленило,  садење и санирање.  Инаку, во насока на прашањето, изборот да садиме бршлен наместо некое друго растение или цвеќе не беше случаен. Намерно одбравме билка која е издржлива и не бара премногу грижа за да расте, со идеја дека само со малку нега ќе ги покрие просторите и ќе ги разелени, ќе ја намали бучавата од возилата кои поминуваат и ќе ја апсорбира прашината. Сè што ќе биде потребно во иднина, откако ќе нарасне бршленот, ќе биде периодично кастрење.

Имате ли консултации со урбанисти и архитекти за проектот?

За повеќето локации каде садиме не е потребно такво нешто, бидејќи станува збор за огради , подземни гаражи и слични простори – обемот на активности е релативно мал и не налага посериозни анализи. За поголемите зафати, како вертикалните градини, нашиот тим одбира локации на основа, меѓу другото, и на прикладноста на локацијата и за тоа како градините ќе се вклопат во просторот. Цело време сме во дослух  и со одделенијата за урбанизам во општините каде работиме, па некои од локациите ги бираме и договоараме и во соработка со нив, како на пример, скорешната акција со дечињата од градинката „Детска Радост“ во општина Гази Баба. Многу нè радува кога и институциите се расположени да помогнат. Таа институционална волја е еднакво важна за обезбедување на оддржливост на проектот.

Колкав е интересот за урбаните интервенции до сега? Како оди финансирањето на овие интервенции? 

Финансиските средства за изведувањето на акциите се донација од кампањата „Мрдни со Прст“. „Мрдни со прст“ како кампања испраќа порака која ги охрабрува и поттикнува граѓаните да размислат за нивната лична одговорност и интерес во решавањето на општествените прашања кои најмногу ги засегаат. Токму затоа и мислам дека одлично се вклопивме во нивниот концепт, затоа што нашите цели се исти како и нивните.

Уште повеќе не радува кога граѓаните со кои садиме донираат по некоја ситна, но значајна работа – на пример, една госпоѓа, Марија, донесе на една од акциите вреќи за ѓубре и ракавици. Девојките од Преплет – Викторија и Магдалена, со кои садевме во понеделникот, земаа жардинерчиња и плетени прачки и донесоа земја за садниците, и така натака. Секако, најскапоцената работа која ја вложуваат сите кои учествуваат е  – времето. Многу сме благодарни што луѓе излегуваат со нас во 6 наутро, пред работа, или пак, во 16 попладне, кога уште е жега, за да ни помогнат да засадиме. Имавме акција каде еден господин дојде со нас во 19 часот за да разубавиме еден простор, за кој случајно знам дека не е ни блиску до таму каде тој живее. Не можам, а да не бидам насмеан после повеќето акции – луѓето со кои заедно садиме се едноставно толку прекрасни, секој на свој начин, да ти е мерак да работиш со нив. Според вашите разговори со граѓаните, што најмногу му недостига на Скопје? За што реагираат граѓаните најмногу?

Мислам дека на Скопје му недостига токму тоа што го правиме во моментов – грижа, внимание, мали, редовни дотерувања. На градот му требаат старатели, но не еден човек или институција, туку сите ние, нашата колективна свест. Мораме да се одвикнеме од тоа ѓубрето на улицата да не биде наш проблем, маалскиот двор да не е наш проблем,  запуштениот парк да не биде наш проблем. Сè се тоа наши проблеми, затоа што и Скопје е наш град, а и не може поинаку. И затоа што Скопје е наш град, ние ја имаме и привилегијата и одговорноста да се грижиме за него. Затоа што градот е огледало на жителите. Грижејќи се за него, се грижиме и за себе.