Колку од нас знаат дека Лондон, еден од најимпресивните светски архитектонски центри, домот на дамата на архитектурата Заха Хадис, се гради според погледи кон одредени клучни точки во градот? Не според вистински ограничувања, туку според погледите, со цел да се задржат отворени погледи кон 200 точки низ градот, како на пример катедралата „Св. Павле“.

Овој интересен детаљ од архитектонските правила на Лондон ни го открива македонскиот архитект Драган Крстевски, кој веќе неколку години живее и работи во Лондон. Еден од активните членови на Прва архитектонска архибригада, Драган својот пат во Британија го започнал со работа во престижното студио „Gensler“ на проект на реновирање на стоковната куќа „Selfridges“ заедно со Ренцо Пјано. Тој сега е дел од студиото „Make Architects“, едно од најиновативните архитектонски бироа во срцето на Англија.  Архитектонската реалност на Лондон, и под тоа мислиме не само на изгледот на објектите низ овој светски метрополис, туку и третманот на архитектите во архитектонските студија, од државата и народот, како што раскажува Драган, е целосно спротивна од она што се случува во Скопје.„Клучната работа на која се фокусираат архитектонските компании во Лондон е одржливоста, поконкретно одржливиот урбанизам. Урбанизмот во Лондон е посебен и многу поинаков од Скопје. Прво се гледа каде смее да се гради и да се развива градот. Градските власти имаат листи на зони каде што не смее да се гради, а за другите е борба и преговори помеѓу студијата и властите за тоа што ќе се гради. Градот очекува архитектите да предложат стратегија што ќе се следи. Во споредба со ограничувањата во висина кај нас и други градови, во Лондон се гради според погледи. Има невидлива наметка над градот и се внимава да се запазат околу 200 погледи од секој нов објект што се гради. Еден од нив е катедралата ’Св. Павле‘. Облакодерот познат како Cheese Grater, на пример, е накосен за да има доволно простор за поглед кон куполата на катедралата. Кога шетате низ Лондон, ’случајно‘ излегувате токму со поглед кон катедралата. Секако не е случајно, туку резултат на долги архитектонски и урбанистички анализи и пресметки. Градот се гради со погледи, а не со висински ограничувања“, објаснува Драган.Канцелариите на Make Architects во Лондон Фото: ©Make Architects

Студиото во кое работи вели дека е една од неколкуте архитектонски компании што ја градат силуетата на Лондон, со објекти во непосредна близина на познатите облакодери „30 St Mary Axe“ (познатата „краставичка“ или „Gherkin“)  и „Leadenhall Building“.  Она што е интересно и импресивно за „Мake“ е нивниот став кон вработените во компанијата, со нетипична работна филозофија – секој што ќе се вработи автоматски станува косопственик.

„Сите во фирмата сме партнери. Ова е нова работен модел во Британија и примерот го следат само околу 250 компании. Вработените се обучуваат на конференција како да се води фирмата, како да се прават буџети за да бидат целосно подготвени за ова иако можеби им се чини дека не се на тоа ниво во фирмата. „Make“ е 100 отсто на вработените, со тоа што немаме одлучувачки акции, туку само сопственост“, објаснува Драган.

За разлика од типичните работни модели на кои сме навикнати, ова значи поголема мотивација на вработените, поголемо чувство за одговорност за да успее и да се развива што подобро сопствената фирма и поттикнување посериозна самоиницијативност кај вработените.Канцелариите на Make Architects во Лондон Фото: ©Make ArchitectsПаркинг за велосипеди во канцелариите на Make Architects во Лондон Фото: ©Make Architects

„Вработените добиваат бонус во однос на профитот на фирмата. Студиото се води многу подомаќински, нема крадење хартија, нема печатење во боја ако нема потреба бидејќи тоа влијае на бонусот. Секој од нас има право да донесе клиент, да оформи тим и да води проект бидејќи тоа влијае на профитот на фирмата. Ова е интересен модел бидејќи во повеќето големи компании некој од менаџментот ќе го преземе клиентот, но кај нас се дава шанса оној што го донел да го води неговиот проект и со тоа и да научи и како да ја раководи и да ја ’продава‘ компанијата. Секои 6 месеци се одбираат 15 луѓе што ја водат фирмата и тие одлучуваат за конкурси на кои би учествувале, вработувања. Јас сум во овој одбор до крајот на јули“, објаснува Драган.

Мотивацијата и вложувањето во архитектите не застануваат тука. „Make Architects“ имаат често работилници, говори од истакнати архитекти, урбанисти и практичари. Во рамки на мотивацијата на вработените Драган беше поттикнат и одржа и TEDx говор на Goodenough College за архитектурата во Скопје, правејќи паралела помеѓу скопската и лондонската архитектонска реалност.

Покрај TEDx говорот, во март Драган одржа предавање за Скопје на престижниот RIBA – Royal Institute of British Architects. Во разговор со колегите бил информиран дека е првиот Македонец што држи предавање на оваа највисока институција за архитекти во Британија. Предавањето беше во склоп на настанот „Late Tuesdays – Make no small plans“, а поставената тема беше  „Creation from catasrophe“. Во рамки на оваа тема за издигнување на градовите по природни или човечки катастрофи Драган говореше за случајот на Скопје, односно градењето на градот и планот на Кензо Танге по земјотресот.„Make Architects“ имаат и свој теоретски отсек, „Future spaces foundation“, кој работи на анализи и студии за идните насоки во кои треба да се развиваат архитектурата и урбанизмот во градовите. Еден од нивните проекти „Vital cities not garden cities“ застапува теорија за покомпактни мегаградови со помалку зеленило со цел да се намали загадувањето во градовите, теорија што на прв поглед изненадува. Според нивната теоретска студија, помалиот број зелени површини придонесуваат за покомпактен град, а со тоа и помалку отпад и загадување. Меѓутоа како што посочува, и во овој случај би морало да се најде компромис бидејќи не може да се живее во град со улици и без паркови.

„Во Англија владата форсира ’garden cities‘, тоа се како сателитски градови со зеленило бидејќи на секој Англичанец желба му е да има куќа со двор, малку се оние што сакаат да живеат во зграда. Тоа многу го шири Лондон, кој е речиси иста големина како Њујорк, а е 10 пати поголем по површина поради куќите. Стратегијата на ’Make‘ е дека ни требаат витални градови, а не garden cities, дека треба да се откријат реони во Лондон каде што треба да се гради во висина. Неопходно е да се направи страегија како населението ќе научи да живее во згради и, од друга страна, како Лондон да се доближи повеќе до лондончани. Во Лондон кога купувате стан сте во конкуренција со целиот свет, имотни луѓе од Русија и од Кина купуваат станови, има многу згради што се луксузни и на фини локации, но се ненаселени огромен дел од годината бидејќи нивните сопственици само повремено живеат во Лондон.

Лондончани поради ова се селат во петта или шеста зона и градот се шири. Голем дел од овие градови стануваат само спални соби, луѓето само спијат таму, а работат во Лондон, што влијае на загадувањето. Со градењето и со патувањето од и кон градот се зголемува отпад, потрошувачката и транспортот на електричната енергија, градењето дополнителна инфраструктура – сето тоа носи повеќе загадување отколку да се уништи цел парк во град и таму да се направи населба. Според анализите, Хајд парк создава само 2 отсто од кислородот на градот. Доколку го нема овој парк и градот се стесни, процените се дека градот ќе биде помалку загаден“, објаснува Драган.

Додава дека теоријата е спротивна на идеите дека треба да се оди од мегаградови кон помали градови како во Словенија или во Германија за да се намали урбаното загадување. Потенцира дека доколку се оди на живот во мегаградови со архитектура што оди во висина, односно изградба на одржливи облакодери, колку тоа и да изгледа помалку хумано, би било многу поеколошко и одржливо од големиот број урбани паркови и зелени површини. Како пример посочува дел од неговата работа на облакодери во Лондон, посочувајќи дека новите облакодери се градат само со паркинг со велосипеди и со минимален паркинг-места за возила за итни случаи. Идејата е да се промовира користење јавен превоз, наместо лични возила, и со тоа да се намали загадувањето на градот.Облакодер на 40 Ledenhall street во Лондон, проект на Make на кој работеше Драган Фото: ©Make Architects/DBOX

Нивната теорија во суштина е целосно спротивна од градската и државната урбанистичка политика, а сепак, како што вели тој, тоа не им претставува сопка да бидат една од најценетите архитектонски фирми од страна на градските власти.

„Со овој проект нашата фирма е против владата и владината политика, а сепак ние сме една од фирмите на кои градот најлесно им дава простор за градење. Ова покажува колку работите се поинакви откај нас, колку се цени мислењето на архитектите од градските власти“, вели тој.

Стимул за архитектонските студија во Лондон се и државните мерки за ненаплаќање данок за нови иновативи техники, методи и производи. Како што објаснува Драган, со цел зголемување на иновативноста на компаниите во државата, иновациите не подлежат на данок, поради што и архитектонските студија вложуваат во отсек за истражување и иновации. Со ова се стимулира поголема иновативност во архитектурата, секое од студијата внимава во новите проекти да внесе иновативни елементи.

„Тоа е мала мерка на владата, но влијае на целокупното творештво. Се инвестира во иновација, градот внимава на тоа како изгледаат објектите во целосната урбанистичка слика и со тоа се внимава на граѓаните да им се понуди пријатно искуство за живеење во градот. Архитектурата е субјективна наука, меѓутоа како изгледа градот, дали е добро испланиран, дали е во него пријатно да се живее е објективна работа и Лондон внимава на тоа“, вели Драган.Wynyard Place, деловен објект на Make Architects во Австралија на кој работел Драган. Фото: ©DBOX/Make Architects

Архитектурата во Скопје според него е во меланхолија и покрај градежниот бум со владините проекти сѐ се изведува погрешно, деградирајќи ја и професијата и цената на архитектурата. Она што му влева надеж како позитивен момент од Скопје е фактот дека Скопје сѐ уште има неискористен простор што според него може да се искористи да се изгради нов центар.

„Со ова би можеле да станеме полицентричен град. Како студент работев на проект на Керамидница со идеја таа да стане нов градски центар во Скопје. Керамидница има најповолна локација што е неискористена, ако се пробие улицата кај салата на ’МЗТ‘, таму од Аеродром и од Центар се стига за неколку минути. Булеварот завршува слепо кај ’Континентал‘, кај реката и изгледа како полуостров. Имаме многубројни фабрики што може да се искористат за да имаме современи интересни објекти. Во Лондон за што било да се изгради мора нешто да се сруши, а во Скопје сѐ уште ја немаме добиено максималната форма што може да ја добие еден град. Можеме како архитекти да понудиме нов простор, нов центар, поинаков од она во што сега е претворен скопскиот центар, само сцена за сликање, која не се користи од граѓаните како јавен простор. Архтиектурата кај нас сѐ уште многумина ја разбираат како објект со врата низ која влегуваш и излегуваш. Она што треба да го разбереме, искусиме е дека архитектурата е простор со своја конкрента функција, а не е само фасада и декорација“, заклучува Драган. City of London Information Centre, еден од омилените проекти на Драган од Make ArchitectsФото: ©Make Architects