Федерико Бабина слободно може да се нарече архи-волшебник, кој успева со својата фантазија и одличниот графички дизајн да преточи сè, секој вид на уметност, секојдневието, па дури и азбуката во архитектура. Бабина стана познат по колекциите илустрации со кои музичарите, светските режисери и писатели се претставени како необични архитектонски зданија кои целосно одговараат на нивната уметничка естетика. Делата на Бабина може да се разгледаат на неговиот сајт  www.federicobabina.com и да се купат во онлајн продавницата    https://society6.com/federicobabina.

Поразговаравме со Федерико околу неговата работа, инспирација и идеите како светот може да се трансформира во архитектонски зданија.Федерико, да почнеме од основните работи. Кажете ни малку за Вашите почетоци, кога започнавте со илустрациите што го преведуваат целиот свет во архитектура? Што Ве поттикна да започнете со работа со овој концепт?

Се викам Федерико Бабина и сум Италијанец (од 1969 год.), архитект и графички дизајнер (од 1994), кој живее и работи во Барселона (од 2007). Меѓутоа, пред сè сум љубопитна личност (отсекогаш). Како архитект и графички дизајнер што работи во овие две полиња, особено уживам кога двете дисциплини се среќаваат и имаат заеднички пресек и точки.

Секој архитект треба да ги објасни своите проекти преку илустрација и цртежи. Дизајнот е првиот начин да се даде форма и тело на проектот. Во оваа смисла, секој архитект треба да биде и графички дизајнер. Јас сум роден со илустрацијата, таа е дел од мене и од мојот живот уште од детството. Започнав со приказните од книгите и преминав кон стриповите за да пристигнам до архитектурата. Цртањето и илустрацијата, како и изработката на архитектонските проекти за мене се начини да ги сублимирам и да ги пренесам мислите, чувствата и емоциите. Секој проект има своја приказна и секој проект е сведок на една приказна. Фасцинирам сум од идејата дека можам да ги спојам во едно светот на архитектура и илустрацијата. Да ја трансформирам архитектурата во илустрација и илустрацијата во архитектура.Кога ќе се погледнат Вашите дела, изгледа како со волшебното стапче на графичкиот дизајн да успевате сѐ да трансформирате во архитектура. Како изгледа Вашиот процес на работа? Колку истражувате една тема пред да се започне со работа?

Не верувам во концептот на инспирација. Идеите се тука, чекаат на нас, проблемот е дека често не ги гледаме. Лично се обидувам да ги набљудувам работите од поинаков агол. Гледањето на светот „наопаку“, може да даде многу креативни идеи и да нѐ разбуди од еден вид „визонерска поспаност“. За мене е многу интересно спојувањето на двете дисциплини во една слика, наоѓањето заеднички јазик за двете. Има бескрајни врски меѓу различните уметнички форми и јас преку цртежите се обидувам да откријам неколку.

Се обидувам мојот уметнички израз да биде што поедноставен. Едноставноста е најтешката работа. За да ги поедноставите работите, мора умешно да знаете да го расчистите вишокот работи, односно што точно да исклучите и да избришете. Првата и најважната работа за мене кога го почнувам проектот е да изберам што сакам да пренесам преку моето дело. Кога ќе го најдам клучниот елемент и тема, следната фаза е истражување со цел да се најде најдобриот начин да се објасни и опише концептот, да се трансфомира идејата во илустрација. Секој избор доаѓа од различна причина, нема некое правило. Мора да има нешто што ја стимулира мојата фантазија, некој елемент што ќе биде стартна точка за патување со фантазијата. Секоја слика е свој свет и универзум. Ова е како археолошко ископување, во некои случаи пронајдоците се брзи, во некои треба бавно да се копа и да се направи детално истражување.Како се одлучувате за секоја тема, што води до тоа една песна или филм или уметник да стане архитектонско здание?

Секој избор има различна приказна зад себе. Темата треба да предизвикува кај мене некакво чувство, независно дали е позитивно или негативно. Нешто што ќе испровоцира искра што ќе роди идеја. Нешто што ја стимулира мојата фантазија. Формата на секоја илустрација зависи од различните елементи ккао уметничкиот карактер, физичкото, естетското, или сите овие работи заедно. Земете различни состојки, ставете ги во блендер, додадете малку фантазија и ќе го добиете мојот конечен резултат. Она што е интересно за Вашите проекти е дека публиката, која не е секогаш составена од архитекти, лесно се поврзува со Вашите цртежи, гледајќи ги своите омилени карактери како архитектонски зданија. Сметате дека со овие илустрации може да поттикнете поголем и подлабок интерес за архитектурата и како таа влијае на секојдневниот живот кај луѓето?

Ми се допаѓа идејата да ја направам архитектурата попристапна до публика што не е составена само од архитекти. Го обожавам фактот што илустрациите им помагаат на луѓето да патуваат со фантазијата.

Што е архитектурата лично за Вас?

Архитектурата е за луѓето, направена од луѓето и за луѓето. Архитектурата не е апстрактен концепт, таа се менува со општеството, го следи и понекогаш и го води општеството. Предизвикот на архитектурата е да ги направи нашите животи подобри. Секојдневно живееме, гледаме, вдишуваме, допираме и слушаме архитектура. Обожавам кога архитектурата успева да ме изненади и да разбуди кај мене неочекувани чувства.Има ли некоја посебна серија Ваши илустрации што Ви е омилена или подрага од другите?

Не, тоа секогаш е следната колекција. Немам некој миленик, секоја серија има некои елементи шт ја прават посебна за мене. Мојата омилена илустрација е следната, онаа што ја замислувам и сѐ уште не е нацртана. Само што ќе завршам еден проект, ентузијастички го започнувам следниот. Илустрации: ©Federico Babina