Авантуристичка и смела е новата колекција накит „Градски наративи“ на архитектката и дизајнер на модни додатоци Александра Шекутковска. Секое парче од колекцијата потсетува на мала урбана мапа, динамичен простор за бесконечно урбано талкање и истражување.

„Градски наративи“ на Шекутковска е инспирирана од нејзиниот престој и долгите урбани истражувања на егзотичниот Бангкок, од талкањето низ различните квартови, погледите на градот од различни перспективи. Колекцијата е најновиот проект на платформата „The URB CLV“, чиј основач е Шекутковска и која се занимава со истражувања во полето на урбаниот дизајн преку различни пристапи. Парчињата се достапни преку интернет продавниците https://www.etsy.com/shop/theurbclvplatform и  http://theurbclvplatform.tictail.com

aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-006aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-002Што беше инспирацијата за „Градски наративи“? Кој е концептот што се следеше при дизајнот на парчињата?

Живеењето во мегалополисот Бангкок и можноста тој да се истражува во различни модули и размери, од кафулињата на врвот на облакодерите кога градот се распостелува како бескрајно пространство на светулки врз тепих од темнина до најмалиот размер низ органски создадените ходници во маалата на Кинескиот кварт, се позадината на збирката од овие накит-предмети. Мојот ангажман како интернационален експерт и предавач по урбан дизајн на интернационалната програма на универзитетот Тамасат ме приближи сосема до градот. Во првите неколку месеци посветив многу време на книги, филмови, музика и настани, кои ми помогнаа да разберам делови од градот и што е она кое како физичка, социјална и економска инфраструктура го прави таков каков што е. Чувството на урбанофилија, на барање и откривање нови места и простори ми овозможи да развијам теоретска и методолошка позадина за да имам доволно вештини во пренесувањето на знаењата како треба да се чита градот и да се размислува за интервенции во него. Тука, класичните категории на простор честопати не се истите, разбирањето на поимите јавен простор, плоштад, улица и тротоар е поинакво од европските, што бара и нови техники на изразување и претставувања. Некогаш и преку самиот цртеж може да се создаде прочистувањето на комплексната повеќеслојна средина. Тоа е она што го претставуваат дијаграм/накит/предмети во „Градски наративи“.aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-007Парчињата потсетуваат на мали урбанистички мапи, некои од нив делуваат построго и прецизно, други потсетуваат на малку похаотично, послободно движење, цик-цак непланско истражување на градот. Други, пак, со својата форма наликуваат на егзотични цветови, се гледа едно испреплетување на минимализмот со егзотиката и со смелите црти. Како се дојде до овие форми, кои се приказните што ги раскажуваат?

Комбинирањето контрастни форми, облици, луѓе и места е приказната што го отсликува мегалополисот. Малите урбанистички мапи ја симболизираат организацијата во помали заедници, миниклетки на градот што имаат сопствен идентитет. Од друга страна, глобалната архитектура на трговски центри, модерни инфраструктурни системи честопати хируршки го сечеа урбаното ткиво на Бангкок. Во нив се зачувани реперкусиите од новите развивања на урбанистичкото планирање наспроти автентичните, културни и архитектонски простори што се напластувале со години. Колективното учење на сензибилитетот и начинот на однесување кон она што значи квалитетен простор, тоа е Окото зад секоја од приказните врамени во органски или геометриски прикажаните дијаграми.aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-010Кои се материјалите и каква техника на изработка се користеше за секој од нив?

Материјалите се трудев да се автентични на концептот и на потеклото на инспирацијата, искористени се дрво, балза, сребрен плексиглас и тајландска свила. Техниката на изработка е со ласерско сечење и со рачнодоработени детали.

Александра Шекутковска за време на нејзиниот ангажман во Бангкок

Преку колекцијата се гледа јасно поврзување на архитектурата со урбаната мода. Како твоето архитектонско искуство и образование влијаат на пристапот кон модата и кон модното дизајнирање?  Дали архитектурата го менува твојот поглед кон модата и го прави поинаков од оној на модните дизајнери? Колку е сличен/различен пристапот на дизајнирање модни парчиња од архитектонското проектирање?

Архитектонското искуство на повеќеслојност, скулптуралност и просторност ме следат постојано во проектите поврзани со применетиот дизајн. Воведувањето/размислувањето преку цртежи и дијаграми и нивното постепено материјализирање ги научив од архитектониката. Од архитектурата се пренесува и чувството и сетилото за препознавање естетски вредно парче дизајн, простор, животно однесување. И во архитектурата и во модата телото може да се перципира како машина, возило дури и како објект. Она со што многу уметнички инсталации ги врзуваат двете е прашањето на личен простор, правење засолништа за човековото тело, да се создаде инсула што ќе го рефлектира нашиот личен вкус. Сепак, просторниот процес во применетиот дизајн и во архитектонското проектирање бележи многу разлики и не сум сигурна дали би навлегувала во негова целосна споредба.aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-009Од една страна, како архитект и урбанист се занимаваш со градовите и со проектирањето во големи размери, а, од друга, преку дизајнот на накит со проектирањето во мали, детални размери. Што ти е поголем предизвик и како се поврзуваат едното со другото?

Досегашната работа како архитект и урбанист ја изградив преку интернационално образование во Цирих, Швајцарија и искуства во академската средина во Бангкок, Тајланд, низ проекти во облик на конкурси, текстови, предавања и работилници. Истовремено би можела да заклучам дека, колку и да има одредени паралели меѓу областите дизајн, архитектура и урбан дизајн, има и големи разлики, особено во бројот на вклучени актери, стручноста и подготвеноста да се изработи одреден проект. Најголем предизвик ми се проектите во урбаниот дизајн поради комплексноста на градот. Досега имав можност да работам на проекти за делови од мегалополиси, при што желбата да се проучува и соодветно да се разберат политичката, економската и културната позадина на процесите и ситуациите е задолжителен вовед на новиот предлог-проект. Ваквиот сплет на градот како палимпсест најчесто како одговор бара дестилирани просторни тактики, стратегии што синтетизираат проектантска зрелост, тимска работа и стручност во различни области. Урбан дизајн проектите вклучуваат архитектонско проектирање, меѓутоа и просторно обединување на физичките, економските и на социјалните аспекти на градот.aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-004Платформата „The URB CLV“ веќе ја има соработката со Ирина Тошева за „Spatial bag“, сега и оваа колекција што ги поврзува архитектурата со модата. Кој е следниот чекор и идните планови за платформата? 

„Spatial explorer“ беше дел од проект наменет за просторните истражувачи, освен торбата што ја изработивме, колекцијата содржеше и различни кутии со алатки и шаблони за развивање  и експериментирање на креативно мислење преку дијаграми. Ваквите проекти ми се особено драги бидејќи испреплетуваат концепти и техники и од други области. Периодов сме дел од Seavus incubator pre-acceleration програмата, каде што истражуваме и развиваме апликација за урбанистичко планирање. Се надевам дека до крајот на оваа година ќе успееме да го изработиме и да го промовираме прототипот што има цел да ги поврзе градскиот простор, урбанистичкото планирање и граѓанската партиципација. Сметам дека е вистинско време повторно да се зборува за вредноста на јавниот простор и на третиот простор како место за размена на идеи, мисли и проекти во градот.aleksandra-shekutkovska-jewelry-piece-001