Гламурозни, сепак со доза ненаметлив скандинавски минималистички дизајн. Дизајн што и во најзафатените моменти би ве застанал онака нагло, филмски, целосно обземајќи ве и вас, вашето внимание и интерес. Накусо вака би го опишале првото искуство со рачноизработените дизајнерски ламби „Rinocca“, кои веднаш почнувате да ги замислувате и да ги посакувате за домашниот ентериер, размислувајќи како да го приспособите ентериерот, декорациите и мебелот на нив. Нивните материјали, форми што варираат од разиграни и флуидни до строго геометриски, со интересни основи и невообичаени материјали како кожа и школки уште од прв момент го скокоткаат интересот на вљубениците во добриот дизајн.

Прекрасниот дизајнерски ум зад овие интересни ламби е младата дизајнерка Катерина Трпковска, која со своите дизајни веќе се пробива и на меѓународната дизајн сцена. Домашната јавност имаше можност да го запознае нејзиниот креативен потенцијал на изминатиот Саем за мебел, каде што се претстави заедно со креативното студио за дизајнерски мебел „We and Nature“, како и на минатогодишната Недела на дизајн во Скопје, кога првпат официјално ги претстави своите креативни светлечки тела. ЛамбитеСледниов период ќе се претстави со свој прототип за грејно тело на изложбата на млади балкански дизајнери на белградскиот фестивал „Миксер“.Приказната за „Rinocca“, како што ни раскажува се развива спонтано, паралелно со нејзината работа како дизајнер на ентериери, како природно продлабочување и проширување на нејзините дизајнерски интереси.

„За мене важи правилото дека сè што ќе замислам ќе го направам. Во одреден момент се најдов на крстопат со дилема во која насока да се развивам како дизајнер. Сосема случајно одлучив покрај уредувањето на ентериери да се посветам и на индустрискиот дизајн и изработката на ламби“, вели Катерина во разговор за Design.mk. Успеала првично да ги пласира своите дизајни како декоративни додатоци на саемски штанд на една наша компанија за мебел. Позитивните впечатоци и коментари ја охрабриле поактивно да се насочи во изработката на нови дизајни и самостојно да се претстави на Неделата за дизајн. Необичните ламби се спој на дрво и метал, интересн геометриски форми, необични комбинации на материјали како абажур од кожа и од школки. Секое парче има елегантна, но и шик естетика, поради што може лесно да се вклопи во различни ентериери. Катерина има 7 модели на подни ламби, еден модел на лустер во комбинација со подна ламба, неколку ѕидни модели и една посебна ламба со абажур изработен од школки со специјална техника што се користи само во Индија.

„Работам главно со дрво и со метал, а секоја ламба е рачна изработка. Ми се допаѓа дрвото како материјал за работа, има посебен карактер и естетика како природен материјал. Претежно користам оревово дрво за изработка на ламбите и основите. Абажурите, исто така, се рачна изработка, ги изработувам сама бидејќи прилично е тешко кај нас да се најдат онакви абажури какви што ми се потребни“, вели Катерина.Абажурите на секоја од ламбите се посебно интригантни. Наидувате на несекојдневен абажур изработен од кожа, инспириран од изгледот на познатите софи „Chesterfield“,  кој, како што вели Катерина, веднаш создава прашалници за тоа како светлината може да продре низ цврст материјал како кожата, абажури како копје, абажур со флуидна форма што потсетува на развеана лента на нежна ритмичка гимнастичарка. Катерина главно експериментира со силни, геометриски форми и црти кои им даваат моќен, силен печат на нејзините ламби.„Особено мила ми е малата ламба со необичен, уникатен абажур изработен од школки. Техниката на изработка е индиска, се работи само во Даипур. Изработката е рачна од морски школки, кои се составуваат во различни форми како флорална или геометриска. Мојата конкретно е геометриска. Потоа овие форми парче по парче се лепат на основата, а врз празнините се става паста од фуга во различни бои, кај мојата ламба тоа е црна. Потоа се полираат и се добива одреден дезен. Меѓутоа секое парче е уникатно во светот, невозможно е да се изработи дупликат од него“, објаснува Катерина.Освен необичниот изглед и форма, она на кое му придава големо значење при изработката е ефектот кој го создаваат ламбите. Секоја од нејзините креации создава мистичен, интересен ефект на ѕидот кој изненадувачки може да стане клучна декорација во просторот. На пример, ламбата Zagaya, инспирирана од африканската култура, која има форма на копје и абажур со африкански мотиви креира мистична сенка и ефект во форма на ѕвезда на таванот.„Играта на светлина и сенки која ја создаваат ламбите ги прави посебни. Исклучително ми е важно каков ефект создаваат ламбите. Внимавам при изработката на секој модел тој да има поинаков ефект кога ќе се вклучи ламбата и тоа еден голем плус кај моите ламби. Не само што изгледаат како скулптура во просторот, туку прават и интересна декорација на ѕидот. Така што наместо декоративен тапет или слики може да се одбере ламбата која со својата игра на светлина и сенки прави декорација на ѕидот и таванот во ентериерите“, коментира Катерина.Стилот на ламбите го дефинира како спој помеѓу италијанската и скандинавската дизајнерска естетика. Елегантни и квалитетно направени, со минималистичка чиста естетика, која полека оди кон границите на екстравагантниот дизајн. Главно тежнее кон остри геометриски форми, кои, како што вели, му даваат тежина на дизајнот и овозможуваат секое парче да изгледа моќно. Нејзините креации вели дека лесно може да се вклопат во ентериери во секаков стил, освен можеби класични. Лесно ги замислува во современи, екстравагантни, луксузни и ретроентериери, потенцирајќи дека, иако со својот дизајн не се наметливи, му даваат посебен ефект и приказна на ентериерот, собирајќи ги љубопитните погледи врз себе.

Како што ни раскажува, впечатоците од нејзината презентација на моделите во Скопје се позитивни, одлично прифатени од домашната публика, што особено ја радува. Ламбите може да се разгледаат на официјалната страница на „Rinocca“, а за странскиот пазар веќе се достапни на холандската онлајн-продавница за дизајнерски креации „Crowdyhouse“, благодарение на која, покрај македонскиот пазар, ламбите на Катерина веќе се наоѓаат во ентериери во Холандија и во Србија. Идните планови се дизајнерските ламби да се пласираат поактивно на странските пазари и да станат подостапни за светската дизајнерска јавност. Во план се и нови креативни експерименти со поинакви материјали и форми, но и идеи за малку помали, помалку масивни модели, кои полесно би можеле да се вклопат во потесните ентериери.Прототип за грејно тело на  „Young Balkan Designers“

Катерина е еден од избраните македонски дизајнери на конкурсот „Young Balkan Designers“ и следниов период ќе се претстави со свој дизајн на фестивалот „Миксер“ во Белград. Конкретниот дизајн е грејно тело, спој на модерната технологија со традиционален, фолклорен изглед. Иницијативата за нејзиното учество на конкурсот доаѓа на предлог од организацијата „Public Room“ во Скопје. На конкурсот било побарано да се претстават идеи што, иако се иновативни и го олеснуваат современото живеење, имаат традиционални елементи, поврзани се со минатото, историјата и со традицијата на Балканот.„Проектот што ќе го претставам е грејно тело изработено од теракота, изработено во соработка со мој познајник вајар. На површината ќе бидат вклопени два традиционални македонски мотиви. Теракотата се користи со векови како материја, се обработува со тоа што добро се пече на висока температура, а потоа се лади бавно, што значи дека може функционално да се користи како грејно тело и претставува добар изолациски материјал“, посочува Катерина.Идејата e елементот да потсетува на македонската традиција, но да може да се вклопи во модерни домашни или комерцијални ентериери и да биде интересна замена за безличните радијатори што декоративно не се вклопуваат во ентериерот, односно да понуди алтернатива што со својот изглед ќе внесе поинаков карактер во амбиентот.