Фото: Миладин Паповиќ

Кога два креативни ума ќе се здружат заедно честопати е неизбежно мало уметничко чудо. Така би ја опишале и креативната приказна зад последната соработка на модната креаторка Ирина Тошева со американскиот уметник Марк Лавџој во нејзината последна хипнотизирачка колекција составена од младешки и весели модни парчиња со хипнотизирачки уметнички принтови кои креираат еден бескраен универзум на бои, идеи и емоции.

Американскиот уметник со години создава слики со необични, речиси волшебни шеми во динамични бои. Добар познавач на моќта и карактерот на мастилото за печатење, Лавџој си игра со неговите можности и создава слики кои наликуваат на мал колоритен универзум, кој за секој крие посебна приказна. За некои неговите дела потсетуваат на бескрајна прошетка низ пролетните прирони лавиринти од ароми, бои и динамичност од кои и не се обидувате да излезете. Ваквиот карактер на сликите, кои како што објаснува Лавџој во интервју за Design.mk се инспирирани од природните состојби и ги отсликуваат неговите емоции и искуства, одлично се вклопува со игривиот и смел дух на креациите на Тошева. Тошева не се плаши да експериментира со бои и успева да направи интересен хармоничен спој меѓу нејзиниот моден сензибилитет и хипнотизирачките колоритни принтови и универзумот на Лавџој.Тошева и Лавџој во оваа соработка ги зближи и нивната љубов и грижа кон природата преку нивната работа и лични искуства. Самата колекција на Тошева ја покрева свеста за поголема грижа за животната средина.

„Жители сме на планета со загрозена средина. Ова глобално прашање станува се поалармантно и сите треба да размислиме што правиме за подобрувањата на состојбите, дури и на ниво на индивидуи. Насушната потреба за поголема грижа и љубов кон природата ја пронајдов во делата на американскиот уметник Mark Lovejoy, кои одлично се вклопија во целата приказна“, вели Тошева.

Љубовта и интересот за природата Лавџој ги чувствува како вродени благодарение на долгите разговори во детството со неговиот татко-геолог.

„Потекнувам од семејство на научници и инженери (но, дедо ми беше и професионален боксер). Уметноста, иако никој не ме обесхрабруваше или одбиваше од неа, беше во сенка на идејата за кариера во науката- апстрактната или применетата. Јас одлучив да завртам нов лист и да започнам сопствена гранка во семејната приказна. Мојот татко како геолог ми пренесе широк поглед и хоризонт кон времето и универзумот. Неговото влијание е јасно во многу од моите слики, кои прилично јасно алудираат кон топографии и геолошки формации, како и на факторите кои ги креираат, менуваат и дефинираат низ годините. Колку моите слики и да се апстрактни, дигитални и хемиски, јас ги гледам како химна за природниот свет низ бесконечниот простор и време.“, вели Лавџој во разговор со Design.mk. Би можеле ли да ни објасните како ги креирате овие уметнички дела, колку е деликатна нивната изработка и од технички аспект бидејќи секое од овие хипнотизирачки слики изгледа како неверојатно жива фотографија.

Мислам дека уметноста се крие во дестилацијата на искуствата. Го користам моето многу тактилно чувство за моќта на мастилото, создадено од години работа со мешање на комерцијални мастила, мирисање на нивната арома, чувствување на нивната текстура, вискоза, посматрање на нивниот однос, нивното мешање на фин филм. Го ослободувам мастилото на страницата како слика и тип, го моделирам со светлината и времето и го фотографирам со моите љубопитни леќи. Конечно, го прочистувам креирајќи кохерентна апстрактна слика, која на некој начин има смисла за мене и за другите. Тоа е извонреден процес.

Како ја дефинирате вашата уметност?

Фотографија. Фотографијата е мојат форма на уметност. Мастилото само по себе не е импресивно. Инфузијата на светлина во целиот процес и дава живот на сликата. Мислам дека луѓето некогаш премногу размислуваат за техничките детали за тоа како се создадени овие слики. Но тоа е како да издвоите едно цвеќе и да земете да разгледувате зошто е убаво.  Магијата лежи во светлината, композицијата, во бојата и макро перспективата на сликите односно во деталите, кои некогаш се тешко видливи за голото око. Како микроскопски поглед на движењето на четката на големите мајстори на уметноста. Многу едноставно, јасно и директно.

Фото: Миладин Паповиќ

Што е вашата инспирација за овие уметнички дела, што конкретно ве мотивира да ги креирате овие необични шеми?

Љубам да создавам слики, тоа е длабока и сензуална желба. Преку овие слики ги поврзувам моите приказни и чувства за пејсажите, топографиите, годишните времиња, смиреноста, нежноста, интимноста и конфликтот, но и болката, скршеното срце и радоста, возбудата, уморот и релаксацијата, природата, камењата, облаците, цвеќињата, водите и плимите. Сите мои искуства се претопуваат во светлина, боја и енергија.

Веројатно и поради ова секој од нас има различно толкување за вашите слики. Некои велат дека ги потсетуваат на делата на Џексон Полок, други во нив наоѓаат мир од постојаниот животен хаос, за некого се психоделични, трети пак ги толкуваат овие чудесни шеми како суптилен приказ на природата.

Секоја слика открива своја посебна приказна, паралелно стимулирајќи и некоја друга приказна.Раскажете ни малку за соработката со Ирина Тошева. Како дојде до оваа соработка? Колку ве интиригираше идејата вашите уметнички слики да ги видите како принтови на модно платно и колку беше тешко да се адаптираат овие слики на текстил?

Моите слики излегоа како прекрасен моден текстил и штоф. Марамите се испечатени на свила со посебно масло со киселина за бојадисување. Мислам дека моите слики одговараат одлично во модниот свет, за текстил, облека и модни додатоци. Ирена ги виде нивните можности и јас и барам луѓе во модниот свет кои може да ги видат овие можности. Мислам дека таа одлиќно ги искористи сликите во нејзиниот моден дизајн.

Фото: Миладин Паповиќ

Беше ли предизвикувачки за графички дизајнер да соработува со моден дизајнер? Каква е за вас поврзаноста меѓу уметноста и модата?

Најдобрата мода е уметност или во најмала рака можност за уметност која може да се носи.

Фото: Миладин Паповиќ

Во ова време кога над сите вредности преовладува жедта за новите технологии и најновите ИТ играчки, дали се уште гледате простор за фина уметност, за сонувачи и поезија? Колку може уметничките дела како вашите, особено оние испечатени на модните креации како нежна пролетна поема- да му помогнат на светот одново да се вљуби во основните работи како уметноста?

Сметам дека во овој брзорастечки свет, модата како уметност е пологична од било кога. Не како интернет ефемерид или слика закачена на ѕид која никој веќе не ја гледа, туку како опиплива, сензуална работа која ја допира вашата кожа, ве грее и станува дел од вас.

Фото: Миладин Паповиќ