Со старите парчиња мебел, оние што ги памтиме од домовите на нашите баби и дедовци од безгрижните детски денови, многумина од нас имаат посебна врска. Софи, стари тешки дрвени маси, креденци со специфична форма, комоди и столчиња со заоблени линии, парчиња што пренесуваат приказни од едно друго време, нечија младост, живот, забави и насмевки. Стариот мебел, истите оние парчиња што се неми сведоци во домот, честопати својата животна приказна ја завршуваат осамени под правот во подрумот или зафрлени во ѓубрето како воопшто да не постоеле.

Но не и за дизајнерката Марта Мојсова. За неа животниот век на овие стари парчиња не завршува како трагична приказна на отпад. Напротив, тој во нејзината креативна фантазија започнува во ново поглавје и во сосема нова ентериерна авантура.

Фасцинирана од убавината на старите парчиња мебел, Мојсова започнува една нова убава приказна наречена „Spin“, студио за „оживување“ на стариот мебел, со што старите парчиња добиваат нов лик и нова вредност. Мојсова речиси осум години плива во водите за дизајн на ентериери и нивно уредување со различни типови мебел, што ја поттикнало лично подлабоко да се нурне во суштината на индустрискиот дизајн и да ги открие скриените убавини во процесот на дизајнирање мебел.„Со текот на времето научив да ја гледам убавината и на старите парчиња мебел, кои со некаква интервенција (помала или поголема) можат да станат совршена комбинација дури и во модерниот ентериер. Големо влијание во создавањето на брендот ’Spin‘ има и студиото за ’reuse sesign‘ ’Transfodesign‘ од Барселона, каде што бев на практика од шест месеци по завршување на магистерските студии  на IED Barcelona“, вели Марта за Design.mk

Проектот за „Spin“ се заснова на принципот на поправка и реупотреба на стар мебел со цел подигнување на екосвесноста кај луѓето. Процесот на работа на стариот мебел, неговата целосна трансформација од старо, некогаш и расипано, парче до ново креативно дело е долготраен и тежок процес, кој, како што потенцира Марта, подразбира повеќе фази на работа што бараат многу внимание, време и прецизност. Во зависност од парчето мебел и новата состојба, интервенциите за поправка, трансформација и реупотреба на стариот мебел се вообичаено различни и подразбираат применување разновидни техники како цртање на платно за мебел-штоф или исцртување апликации на самото парче мебел.

„Секое парче буди посебна инспирација. Некогаш е потребна само минимална интервенција за да се задржи вредноста на мебелот, а сепак тој да добие еден нов и свеж изглед, но често се случува изгледот на парчето комплетно да се промени и да се добие нов дизајн. Мебел за реупотреба наоѓаме од различни страни, а сè почесто луѓето сами почнуваат да ни нудат некои посебни парчиња. Некои од нив сакаат да ги репарираме и да им ги вратиме во нов сјај, веројатно многу од консументите се поврзани со својот мебел, а сепак сакаат промена во својот дом“, вели Марта.spin furniture 11„Spin“, како бренд за апциклиран мебел, нуди широка палета парчиња мебел во различни стилови. Секое парче мебел е уникатно, во себе крие различна животна приказна и со тоа инспирира различен пристап кон работата со него. Токму во овој момент на уникатност и посебна убавина на секоја фотелја, маса, секое парче мебел, Марта наоѓа свој креативен предизвик и задоволство.spin furniture 10„Spin“ веќе има свој има претпознатлив печат, секое парче на овој бренд има свој посебен винтиџ-шарм, удобност и пријателска топлина. Марта работи столови, фотелји, кодмоди, ламби, но и цели гарнитури. Со уникатниот апциклиран мебел таа тежнее кон поголемо будење на еколошката свест, можноста едно парче да се „оживее“ наместо да стане дополнителен отпад. Марта неодамна направи и мало „скршнување“ од овој препознатлив стил со новата колекција „Fusion“. Оваа колекција е малку поинаква и подинамична од досегашните парчиња.

„’Fusion‘ е колекција што ги комбинира старите парчиња мебел во комплетно нови дизајни, давајќи им друга функција и малку поинаква димензија. Самото име ’Fusion‘ значи спојување два различни елементи во еден нов производ. Овој пат и боите што преовладуваат се поелегантни, неупадливи, со што главен акцент се става на дизајнот“, вели младата дизајнерка.Колекцијата е составена од фотелја „Blended“ со испуштен дел што има функција на масичка; двосед „Duality“, кој е комбинација од потпирачи од стари трпезариски столови со ново заедничко седење и ногарки. „Fusion“, пак, е ретростол од 60-70-тите чиј дизајн е добропретпознатлив. Марта прави интересна нерамномерна поделба на столчето, го менува неговиот лик со бронзена и црна боја, а потоа двата дела се спојуват на крајот заедно во една целина. Во оваа колекција акцент е ставен и на реупотреба на отпадни предмети, па така и ламбите се изведени од отпаден материјал. Лустерот „Fusion light“ е направен од капак на голема плинска боца, а ламбата „Fly me to the moon“ изработена во соработка со филигранката Бранка Данчевска е изведена од улична светилка и потсетува на топла светла месечина.Апциклирањето, трансформацијата и реупотребата на стариот мебел наместо само купување ново стануваат сè поинтересни и за дизајнерскиот свет и за потрошувачите. Современиот начин на живот и неговата брзина и динамичност во свет што постојано се менува нè тера да се приспособиме на постојани промени во урбаното опкружување, домот или на работното место, на прифаќањето нови технологии некако незабележливо оформува животен стил и менталитет каде што старите работи не се гледаат како нешто што може да се поправи, туку веднаш се заменуваат со нови, чиј квалитет тешко може да се спореди со оној изработен со постарите технологии.

„Во овој современ свет, каде што главна одлика се брзите промени на нештата, нормално е луѓето постојано да бараат промена и во својот дом и опкружување. Најчесто при промените фрламе работи за кои не сме свесни каков квалитет и вредност имаат. ’Spin‘ се труди да креира постојано нови парчиња и колекции што ќе бидат во чекор со светскиот тренд, што ќе го освежат и ќе му дадат уникатност на просторот. Тие ќе нè потсетуваат на минатото, но се со комплетно нов изглед. Како дизајнер, размислувам и проектирам тие парчиња да бидат убаво вклопени во ентериерот, да имаат своја приказна, а клиентите го почитуваат тоа. Луѓето сè повеќе стануваат свесни за процесите на репарирање и рециклирање,  најчесто и самите се инспирирани од нашата работа“, посочува таа.spin funiture 8 spin furniture 7 spin futniture12