Стокоја не е она што би го очекувале од Норвешка. Идејата за долга песочна плажа, зајдисонце покрај кристалночиста морска вода, коктели на плажа не се поврзува често со оваа скандинавска држава позната по својата дива, прекрасна планинска природа, фасцинантните фјордови и поларната светлина што остава без зборови. Малечката Стокоја, остров во централна Норвешка, со својот медитерански карактер последниве години прерасна во една од најпопуларните дестинации за одмор и викенд меѓу Норвежаните, а успеа да се најде и на страниците на списанието „Wallpaper“. Причината за растечката популарност е комплексот „Stokkoya Sea Center“, кој со својот свеж, современ архитектонски изглед внесе урбана, креативна енергија и живост во малото место. Комплексот е составен од модерен хотел и ресторан на плажа и неколку викендички што се за изнајмување. Хотелскиот објект има едноставна, минималистичка форма и внесува свежина во околината со своите светли бои што изгледаат како во фасадата да се прелеваат белината на снегот, топлата енергија на сончевите зраци и синилото на океанот. Интересно за него е што е изграден делумно во карпа, инспириран од идејата за архитектурата на куќите на хобитите од романите на Толкин. Секоја од собите поради ова има полукружно прозорче-отвор на таванот со кој има поглед од под земја кон бескрајното небесно синило. Комплексот го води брачната двојка Руар Свенинг и Торлид Лангклоп, кои пред неколку години одлучиле да го заменат урбаниот со малку порурален живот во малечката, спокојна Стокоја. Идејата била да се внесе малку посовремена архитектура и помодерен изглед во местото, да се внесе модерниот урбан дух најпрво преку мали летни викендички, а потоа и преку хотел со цел да се заврти туристичкиот интерес кон Стокоја.

„Стокоја е моето родно место, тука имавме семејна фарма и во еден момент бев заинтригиран од идејата да направам нешто што во местото ќе го пренесе мојот начин на гледање на работите, ќе внесе нешто од нашето време, малку посовремена црта. Сакавме да изградиме објекти што ќе избегаат малку од националната романтична идеја за тоа како треба да изгледаат градбите во природа,  кои ќе се истакнат како посебни од сите други видови објекти во природа и ќе имаат посовремен архитектонски изглед. Стокоја не беше туристички познато место, нема голем пат што минува во нејзина близина, нема случајни туристи. Поради ова сакавме да изградиме комплекс што ќе има јасен, чист израз и ќе се издвои од другите хотели и одморалишта во Норвешка“, вели Руар во интервју за Design.mk.

Целта била да се изведе модерен проект со одржлива архитектура што ќе помогне да се развие местото и ќе биде привлечен од секој аспект за туристите. На проектот соработувале со архитектонското студио „Pir II“ од Осло, но и со група студенти по архитектура. Главната замисла била објектот да има сосема поинаква архитектура од типичната крајбрежна норвешка архитектура, која е карактеристична по малите дрвени црвени куќарки. „Сакавме да внесеме малку промена во архитектонскиот израз, но и во начинот на кој се гледаат и се прават работите во Норвешка. Правило во животот е дека, ако сакате да преживеете, мора да се менувате и да се приспособувате на модерните промени. Нашето национално однесување е малку потрадиционално, но ние сакавме да направиме исчекор од тоа. Ако ја погледнете зградата на хотелот, таа е со светли бои. Направивме разиграна фасада што повеќе ѝ доликува на локацијата, повеќе потсетува на морето, на морнарскиот и летниот начин на живот. Малку потсетува на целата култура на пловење и едрење, има едноставен лесен и разигрн стил. Ни беше важно да внесеме леснотија, едноставност и светлина на фасадата, која ќе биде целосен контраст на собите што се во малку потемна и потврда атмосфера“, додава Руар.Хотелот е изграден во карпа и собите потсетуваат на хобитски домови. Поради начинот на кој се изградени, во нив се чувствува малку постудена и помрачна атмосфера, која се разбива преку светлата фасада, долгите отворени прозорци на секоја од собите и малечките тавански прозорци преку кои ноќно време може да се набљудува чистото ѕвездено небо. Секоја од собите  е уредена во комбинација од индустриско-скандинавски стил, основните површини се од бетон, додека, пак, мебелот и декорот се во комбинација од индустриски и скандинавски ноти. Одредени соби се со поживи бои и подинамичен ентериер, други се со посмирени тонови и поминималистичко уредување. Секоја соба има поинаква тема и приказна, некоја е поврзана со традиционални норвешки мотиви, друга со природни мотиви, морнарска тема и ред друго.Искористен е и ретромебел и лустери за дел од собите. Замислата зад ова била секоја од нив да има беспрекорен дизајн за да може да одговори на барањата на оние со истенчен вкус за современа архитектура и дизајн.

„Сакавме секоја од собите да биде различна за да одговара на различниот тип на луѓе. Она што, исто така, треба да се земе предвид, освен дизајнот, е дека тоа што се изградени под земја ги прави собите енергетски ефикасни, одлично изолирани и овозможува да имаат стабилна температура и во зима и во текот на зимските месеци“, додава Руар.Иако дизајнерскиот изглед на ентериерот и мебелот и модерната фасада асоцираат дека за целиот проект е потрошен голем буџет, Руар објаснува дека, напротив, целиот простор е изработен со многу мал буџет благодарение на помошта на група норвешки студенти.

„Кога се градеше хотелот, околу 2008, во Норвешка завладеа економска криза. Се најдовме пред предизвик бидејќи сакавме да го изградиме хотелот според нашата замисла, но имавме ограничен буџет. Можевме да си дозволиме да потрошиме средства на дел од мебелот како поскапи Ејмс-столчиња и други дизајнерски парчиња, но не можевме да си дозволиме буквално секој дел да биде дизајнерско парче. Поради ова се одлучивме да соработуваме со група студенти по дизајн. Ги поканивме да престојуваат во Стокоја на наша сметка и да ни помогнат со уредувањето на собите. Беше прекрасно да се работи и да се соработува со нив, да се види нивната младешка креативна енергија. Едни работеа на ентериерот, други на мебелот, секој се пронајде во некој дел од хотелот. Беше многу забавно и разиграно. Мислам дека кризата беше благодат бидејќи, доколку имавме доволно голем буџет и целиот го потрошевме на дизајнерски парчиња, местото немаше да ја има  душата која ја има сега, оваа уникатна, разиграна и креативна енергија што во него ја пренесоа студентите. Вака како што е сега целосно го пренесува нашиот карактер и она што го замисливме за Стокоја. Ако секое парче беше скапо, немаше да биде толку интересно“, коментира Руар со насмевка,. Дел од мебелот е купен од Данска, дел на распродажба, дел е најден од старите рибарски куќарки во Стокоја и освежен за да може да се вклопи во модерниот минималистички ентериер.Покрај хотелот, посетителите може да уживаат и во модерниот ресторан покрај плажа со голема отворена тераса, чија фасада е изведена целосно од стакло за да може во постудените денови целосно и непречено да се ужива во релаксирачката глетка кон морето и кон околните фјордови. Барот е уреден минималистички, со модерни парчиња мебел и поделен на поотворен дел за големи групи и два позатворени делови каде што може да се одвиваат работни ручеци или состаноци.Руар посочува дека хотелот во комбинација со ресторанот е сè попривлечен за туристи, но и за компании од Норвешка и од други делови на Европа. Она што според него е уште поважно е што начинот на кој изгледа и работи хотелот го развива интересот на луѓето за преселба во порурални средини и ги поттикнува на размислување за развој на ваквите средини, односно изградба на објекти и креирање услуги што се потребни како барови, ресторани, односно простор каде што ќе може да има пожив општествен и културен живот. „Сметам дека не е доволно само да одите по соседи за да имате општествен живот во ваквите делови, поради тоа ни требаат што повеќе културни и општествени простори“, посочува Руар. Фактот што Стокоја  е на мапата на домашните и на странските туристи ги тера на размислување како може местото да се доразвие, но и да го сподели начинот нa работа со други за идејата да се примени и во други рурални места. Како што вели Руар, од разговорите со посетители и со пријателите што доаѓаат во Стокоја добиваат впечаток дека луѓето сè повеќе размислуваат за постојана преселба во Стокоја или слично место и за развивање сличен бизнис таму.

Поради ова, новиот проект што тој и Торлид го развиваат е „Бугда“ или еден вид мало село 2.0, комбинација на куќи со помали деловни простории и простор за академски и научни активности. Замислата е да се продолжи со идејата за развој и подигнување на интересот за преселба во руралните средини.

„Користиме архитектура, идеи за самоодржливо живеење, истражуваме проекти за користење извори на обновлива енергија, вода, производство и одгледување храна и сакаме да ги споиме на начин што живеењето во село ќе го направи многу поинтересно. Ако добро размислите, целата храна и основни, сурови материјали се наоѓаат и се одгледуваат во руралните средини и во иднина ни требаат способни луѓе, со креативни и со иновативни идеи и способности, за да може овие средини да се развијат и да се издигнат над тоа што се сега, да понудат многу поквалитетен живот“, вели Руар. Се надеваат дека, доколку добро ја развијат и ја спроведат идејата, ќе станат симбол за тоа како може да се развиваат руралните средини и како тие може да бидат поинтересни за живот, работа и за туризам. „Сите нè очекува иднина полна со предизвици и мислам дека е неопходно да бидеме малку попаметни, потранспарентни во начинот на работа, без некакви големи бизнис-тајни. Споделувањето идеи и соработката е начинот на кој треба да размислуваме, да работиме и да соработуваме за да можеме да се соочиме со предизвиците што нè очекуваат“, вели Руар.