Проектирање на хотел во Пештани беше една од темите кои ги разработуваа студентите по архитектура од Архитектонскиот факултет за време на предметот Архитектонско студио. Студентите Борис Дамјаноски и Милка Гогол беа дел од студентскиот тим кој работеше на оваа тема, анализирајќи ја ситуацијата во Пештани, неговите природни убавини и можностите за архитектонска интервенција за нов хотелски објект.

Дамјаноски и Гогол во својот студентски проект нудат решение за хотел со современа архитектура, кој според нив би станал потенцијален нов белег на градот. Инспирација за формата на хотелот и распоредот на собите за студентите е основната дејност на Пештани, риболовот со рибарски мрежи, односно комплексноста на формите на самата мрежа.

Повеќе за проектот во описот од авторите. Тема: Нови фронтови на вода, проектирање на хотел

Автор на проектот: Борис Дамјаноски и Милка Гогол – Архитектонско Студио 7.1

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација: Пештани

Година: 2017/2018

Опис од авторите:

Пештани е рибарско место и за него има многу да се каже. Тоа е село во кое се негувало рибарството како основна гранка со која се занимавало локалното население. Риболовот традиционално се вршел со различни плетки на мрежи кои биле наменети за ловење на риба.Меѓутоа покрај сите природни убавини и предности со кои располага Пештани, селото претставува еден вид на транзитна сообракајница која поврзува две места, поради што честопати туристите го одминуваат без да застанат и да уживаат во неговата природната убавина. Токму тоа беше и нашата цел, да направиме интервенција која ќе даде нов печат на местото, поточно ќе преставува негов нов белег. Локацијата наменета за градење е крајбрежејето на Охридското езеро, односно малиот угостителски објект поставен по должната на плажата поткренат на бетонско цокле.

Интервенцијата која ја предлагаме, ги почитува контурите на веќе изградениот објект и истата се развива по вертикала, издигајќи се во објект кој ќе стане икона на Пештани.Камен, езеро, мир, планини, плажа, култура, мрежа, риба, сточарство, црква, десетина зборови со кои ние би го опишале и би го преставиле Пештани.  Особена инспирација кај нас побуди, основната дејност на селото, ловењето на риба со помош на мрежи. Начинот на поврзување на мрежите, гледајќи ги како една ќелија, односно шема која се повторува, го преточивме во конструктивни модули кои даваат богато и расчленето решение. Па така преку  соодветна комбинација на мрежите  завршуваме со одредени форми, потенцијални за поставување контура на објектот.Добиените тела , во комбинација со скици направени дирекно од посетата на локација се пресудни за појавата на крајниот концепт на објектот, кој истовремено ќе одговара и на теренот, мрежите и на слободорачните интервенции.

Преку воведување на мрежа (4.6/4.6m-простор за хотелска соба и  1.4/4.6m-простор за движење) ја дефинираме структурата на објектот, а во пресекот на мрежите се поставуваат столбови кои ќе го дефинираат објектот по вертикала.Објектот програмски се развива преку воведување на комуникации (лифтовско јадро) во средината и соби кои се нижат околу него. Целата структура е поделена на четири дела во кои се јауваат јавните содржини, а со цел олеснување на волуменот над секоја од нив се појавува по еден празен кат. Станбените простори по ритам на шах – поле се редат во веќе поставената мрежа и назименично се повлекуваат кон внатре, така што на тој начин се добиваат две соби, една над друга кои ги искористуваме како дуплекси односно апартмани.На приземјето се поставени јавните содржини, односно главен влез, фоаје, лоби како и мал бар. На кота 0.00 е решен и паркингот на објектот разделен за посетители и вработените во хотелот и истиот го следи ритамот на мрежите поставени во самиот објект. На ист начин го решаваме и партерот, со цел да се направи некаква структура која ќе комуницира со плажата и со плоштадот оформен зад неа. Северната страна на хотелот е пресечена со хоризонтален елемент, односно платформа која обезбедува пристап до хотелот по воден пат, а со помош на тоа го нагласува влезот на хотелот од страната на улицата.На првиот кат се поставени собата за вработените, кујната со сите потребни простории и ресторанот. На следните катови се распоредени собите кои дополнително се расчленуваат на одредени нивоа со рекреативни и комерцијални содржини.

Материјализацијата на објектот е направена во дрво, дрвено скеле, по примерот на проектот „Дом за сите“ на јапонскиот архитект Тојо Ито.