Поттикнати од проблемот со аерозагадувањето во Скопје, група студенти по архитектура предлагаат фасадите на силосите на цементарницата УСЈЕ да се надградат со елементи за прочистување на воздухот и светлечки панели кои ќе укажуваат на степеност на загаденост на воздухот. Студентите по архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје Марија Петрова, Милка Гогол, Дени Илиов, Борис Дамјаноски, Горан Трајановски со ова архитектонско решение учествуваа на студентскиот конкурс „Индустрија во град“ за фасадно обновување на објекти на цементарницата во Скопје, распишан од Архитектонскиот факултет и УСЈЕ.

Студентите предлагаат на фасадата на силосите да се постават зелени панели и прочистувачки филтри, кои би помогнале за подобрување на квалитетот на воздухот. Исто така се предлага и поставување елементи во вид на информативни светлечки знаци, кои ќе ја менуваат бојата во согласност со степенот на загаденост и ќе ги информираат граѓаните каква е ситуацијата со воздухот. Идејата на студентите преку ваквиот пристап е да помогнат за покренување на колективната свест и акција за поголема заштита на животната средина.

Повеќе за проектот во описот од авторите.

Конкурс: Индустрија во град – архитектонски решенија за обнова на фасадни површини на објекти во Цементарница УСЈЕ

Автори: Марија Петрова, Милка Гогол, Дени Илиов, Борис Дамјаноски, Горан ТрајановскиОпис од авторите:

Главната порака која ја носи овој конкурсен труд произлезе како последица од низа застрашувачко високи параметри на ПМ-10 честички, многу над дозволените граници, со што и Скопје се „пласираше“ меѓу најзагадените градови на планетата Земја. Токму затоа распишаниот конкурс за обнова на фасадата на површината на силосите на Цементарата УСЈЕ, кај нас роди желба за подигањето на самосвесноста преку директен повик за поставување на непосредни „мерни едници“ за степенот на загаденост на воздухот во Скопје.

Проблемот со кој се соочува нашето поднебје претставува сериозна закана која во најголема мера настанува како резултат на заедничкиот пристап кон животната средина, кој потоа директно се одразува врз здравјето на луѓето. Во целата оваа ситуација интензивно се вклучуваат и дострелите на технологијата во подобрување на енвироменталните услови преку инвентивно обмислување на филтри за прочистување на воздухот. Свеста и информираноста за заканата по населението е на многу ниско ниво, што дополнително го отежнува нормализирањето на ситуацијата. Без јасен увид во алармантноста на ситуацијата, сметаме дека се залудни сите понатамошни мерки што ќе превземат за подобрување на состојбата.Од ова доаѓаме до фактот дека прокламацијата на параметрите кои ја денотираат вистинската ситуација е повеќе од потребна за да придонесе кон подигањето на свеста кај населението, кое треба да укаже и прокламира еколошки посоодветни постапки во иднина. Во контекст на истото, актуелна е и темата за загадениот воздух преку повеќекратно зголемениот број на ПМ-10 честичките и нивен постојан прогрес. Бидејќи досегашното алармирање не се покажало како доволно за намалување на загаденоста во воздухот, предлагаме превземање опшествено свесна задача за дополнително приближување на ситуацијата до сите (не)засегнати.

Потребата за обнова на фасадта на цементарата УСЈЕ во вистински момент се вкрстува со можноста да иста таа фасада има информативна улога на знак паралелно со нејзината декоративната улога, осносно сите горе наведени аспекти лесно да се вклопат во комплекс на Цементарница УСЈЕ Скопје, чии единки претставуваат одлично прокламирачко жариште од кое може да бидат пренесени  главните пораки за подигање на свеста кај населението. Тоа се должи на повеќе аспекти од кои централно место зема габаритноста на силосите кои се репер на таа област и можноста за искористување на целата масивна површина и нејзино пренаменување во дополнителен прочистувач. Индикацијата за моменталната ситуација на воздухот (превземена од измерените податоци на ниво на Град Скопје, достапни од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање и потоа пренесени до светлосните индикатори) изразена преку концентрацијата на штетни честички (ПМ10) најдобро би била извршена со светлосен сигнализација преку воспоставена боја за соодветната (не)алармантност според значењето. На пример црвена сигнализација би се користела кога концетрацијата на ПМ10 честички е над 50 микрограми/м3 и ситуацијата е алармантна, портокалова кога ПМ10 честичките се од 40-50 микрограми/м3, односно ситуацијата е умерено алармантно, додека пак зелeна сигнализација кога ситуацијата е во ред и концентрацијата на ПМ10 честички е под 40 микрограми/м3.Огромната силосна обвивка може да послужи како поставка на елементи кои ќе бидат вклучени во прочистувањето на воздухот, во вид на зелени панели и прочистувачки филтри, вметнати во структуралната обвивка во свој ритам што создава целовита композиција која дополнително и дава репрезентативна вредност на цементарницата и на областа во која таа се наоѓа. Компонентите за прокламирање и прочистување се поставени во вид на прстени по вертикалата на силосните објекти и имаат своја пристапна платформа, која служи за одржување на елементите кои ја креираат новата функционална и естетска целина. Дополнително во иститиот контекст на одржлива обвивка е и искориствањето на сончевата енергија за напојување на светлата и вентилите за прочистување.Идејата на овој проект претставува прокламација на  градењето правилен однос на релација човек – животна средина, притоа не одминувајќи го секој индивидуалец како клучен фактор за воспоставувањето на ред и соочување со последиците од неговите секојдневни постапки.  Животната средина треба да биде наша заедничка одговорност!