Проектирање современ хотел во Пештани беше една од темите кои ги разработуваа студентите по архитектура на Архитектонскиот факултет во рамки на предметот Архитектонско студио. Студентката Елмедина Хасани беше дел од тимот студенти кои работеа на оваа тема и беа поттикнати да понудат креативно решение за објект со современа архитектура, кој ќе стане нов архитектонски белег за Пештани, а истовремено ќе може да се вклопи во локалната средина, да ги запази и да ги потенцира природните убавини и типичните карактеристики на ова популарно туристичко место.

Во продолжение погледнете го проектот и идејата на Хасани на оваа тема за хотел со специфична форма.

Тема: Нови фронтови на вода – хотел во Пештани, Охридско Езеро

Автори: Елмедина Хасани

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација: Пештани, Охридско Езеро

Година: 2017/2018Опис од авторот:

Малото охридско село Пештани претставува фасцинантна комбинација од природни убавини покрај Охридското езеро. Токму од ова започна првичната идеја за проектот, размислувајќи за објект кој ќе успее да ги нагласи сите предности, природни убавини и интересни мали детали кои се присутни во селото. Проектот се базира на идејата за поставување на една доминантна точка која ќе биде некакво обележје на местото, тело кое нема да стои како бариера помеѓу езерото и селото, туку напротив ќе овозможува природен тек во просторот. Целокупната програма на хотелот е сместена во еден правоаголен волумен, кој изгледа како две доминантни кули поврзани преку мост, различни по својата форма и функција. Важен детал на објектот е мостот, односно просторот кој ги поврзува двете кули, кој е целосно отворен со цел да се добие ефектот на првичната идеја слободен „тек на просторот “.Отворениот дел како еден од најважните елементи се потенцира со едно гледалиште кое е пристапно само за посетителите на хотелот и истовремено креира монументален изглед и создава долготрајни импресии.
Објектот е проектиран согласно сите врски на различните простории коишто е неопходно да постојат во еден хотел, сместени на дванаесет нивоа.Kористен е проектантски модул од 380 и 700 цм со комбинација АБ.

На кота 0.00 е решен паркингот на објектот и партер кој почнува со парк од двете страни на хотелот и се спушта надолу со скали до плажата. Карактеристичен дел е и пристапот до самиот објект, бидејќи не се пристапува директно од кота 0.00, поради тоа што целиот објект е подигнат на ниво 2.20 формирајќи една специфична линија на движење и едно гледалиште со јавен карактер ориентирано кон езерото . Поставени се две главни комуникациски јадра кои се позиционирани на различни правци и продолжуваат по целата височина на двата волумени.Програмата на хотелот се состои од административен дел сместен во хоризонтален волумен, кој е двовисински нагласен токму во делот каде се наоѓа лобито и рецепцијата. Станбениот дел, пак, го сочинуваат двособни соби, сместени во квадратната кула и ориентирани со поглед кон езерото, додека пак во другата кула се сместени двоспратни апартмани, со поглед кон езерото и кон планината Галичица.Општествениот дел со заедничките простории за релаксација и забава на гостите е поставен во најгорните катови на објектот. Специфичен детал тука е базенот поставен на последниот кат, кој преку мост се поврзува директно со хотелскиот бар.