Како би можела да изгледа и функционира урбана винарија во скопската населба Карпош, која ќе го збогати урбаниот простор со нови содржини, ќе направи спој на производствениот процес со идејата за забава и релаксацијата за посетителите, а истовремено да внимава да се вклопи во постоечката архитектура и да придонесе кон зачувување на урбаното зеленило? Ова беа дел од прашањата и дилемите за студентите по архитектура Мартин Марковски и Патриција Спасевска од Факултетот за архитектура и дизајн при Американ Колеџ Скопје, во процесот на проектирање винарска визба во Општина Карпош.  Во рамки на семестралната задача од за предметот „Студио архитектонско проектирање 3“ студентите имаа задача да проектираат винарија во Карпош, во склоп на Градскиот парк.

Марковски и Спасевска нудат архитектонско решение за винарија со интересен и современ архитектонски лик, која со својат форма и употребата на природни материјали како дрвото хармонично се вклопува во природната средина на Паркот, а како објект е креативна и привлечна и за локалните жители, како и туристите во Скопје. Обрнувајќи внимание на заштитата на природната средина во која би се изградил овој објект, студентите предлагаат поврзување со постоечките канали и езерца во Паркот, но и создавање дополнителни вештачки езерца. Нивниот објект прави хармоничен спој на производствениот процес со идејата за забавен простор, овозможувајќи им на посетителите можности за уживање во креативниот индустриски ентериер преку разгледување на просториите за производство, простори за одмор и релаксација како ресторан и сместувачки капацитети, но и можност за спојување со природата преку отворен надворешен зелен појас околу винаријата.

Подетално за проектот прочитајте во продолжение од описот на авторите.

Автори: Мартин Марковски и Патриција Спасевска

Педагошки тим: Проф. Д-р Мишко Ралев / М-р Иван Николовски / М-р Нина Тодоровска

Проектна задача: Винарија

Локација: Карпош, Скопје

Година: 2017

Опис од авторите:

Семестралната задача во IX семестар при постдипломските студии, по предметот „Студио архитектонско проектирање 3“, предвидува проектирање на винарска визба на зададената локација во Општина Карпош, во склоп на Градскиот парк и на „Паркови и зеленила“, со капацитет од 2000 000 литри/годишно (црвено и бело вино). Производството е за 250 календарски денови, во две смени. Покрај производство во комплексот, се предвидуваат и угостителско-трговски и рекреативни содржини.

Од направените анализи на самата локација, земајќи ги предвид условите кои таа ги налага и согледувајќи го карактерот на опкружувањето, може да се претпостави дека објектот ќе им служи главно на жителите од околните објекти, но и пошироко на жителите од целиот град, како и посетители од други земји. Таквата морфологија на околината е главниот адут по кој се конципира целиот волумен и габарит на објектите и нивниот распоред, со цел природно да се вклопи во таквата околина, но сепак да биде препознатлив. Комплексот се простира на локацијата  која е со површина од 135 792 м2. Објектот на винаријата се простира на површина од  6376 м2 и е на две нивоа, приземје и кат. Вкупната големина на објектот е 12 752 м2. Објектот каде се дегустира вино е со површина од 390 м2; ресторанот е со површина од 1040 м2; секој од бунгаловите наменети за сместување на посетителите се со површина од 107 м2, а вкупно сите бунгалови зафаќаат површина од 1391 м2.Концепт

При решавањето на објектот на винаријата, паралелно на ист начин се третираат и дополнителните објекти како и околината. Проектирањето на локацијата инсистира на придржување на општите правилаи за одржливо проектирање и изградба. Во однос на тоа, првото нешто на кое се размислува е зголемувањето на биолошката разновидност и зачувување и зголемување на водените ресурси. Се искористуваат постоечките водени канали и вештачки езерца, поврзани со реката Вардар, и се поврзуваат со нови канали спроведени на локацијата, создавајќи нови вештачки езерца на истата. Од друга страна, пак, објектите предвидени за проектирање се насочуваат кон центарот на локацијата. Со ова се обрнува внимание на биолошката разновидност, со што се создава вештачка зелена зона од високо зеленило, кое ќе ја оддели содржината на проектот од улиците кои го ограничуваат, и ќе го преточат во постоечката природа на паркот. Овој потег доведува до вметнување на содржините во срцето на една чиста зелена зона.Партерното уредување ќе им служи на посетителите, со тоа што се поставуваат патеки кои овозможуваат јасен и лесен пристап до сите објекти. Патеките се предвидени според начин на тоа како би функционирале сите содржини на локацијата. Во прилог на партерното уредување предвидена е и зона каде се поставуваат детски рекреативни содржини.Во однос на пристапноста кон локацијата, предвидени се два влеза. Едниот е главниот влез се наоѓа на бул. „Илинден“ и е наменет за товарните возила кои доставуваат грозје до винаријата и прават извоз на виното, како и за другите вработени во винаријата. Ова движење е решено кружно. Вториот влез е оној за посетителите кој што се наоѓа на бул. „8ми септември“, кој е решен со сервисна улица која поминува низ локацијата и води директно до паркинг местата. Од паркинг местата посетителите лесно можат да се упатат до локацијата и конкретните содржини кои сакаат да ги посетат.Винаријата, пак, е решена според процесот на производство на вино. Тоа значи дека сите функции кои треба да ги содржи една винарија, се поставени и така решени да соодветствуваат со начинот и целиот тек на процесот на производството. Прво е доставата на грозјето, мелењето, ферментацијата (тивка и бурна), одлежување на дел од виното во барикот, флаширање и складирање на виното и негов извоз. Сите овие функции се поврзани и проследени со коридори кои се предвидени за запознавање на посетителите со процесот на производство. Покрај сите овие функции на јужната страна на објектот, предвидени се административните содржини, како и гардеробите и соблекувалните за вработените.Формирањето на волуменот на винаријата е проследен, исто така, од функциите кои ги содржи, како и од потребните материјали и распони кои треба да се совладаат. Така со користење на бетонски платна и ребрасто поставување на греди (примарни и секундарни) се формира школката на винаријата, која во внатрешноста овозможува чист и отворен простор за лесна манипулација. Карактеристично за формата е тоа што се одликува со две висински точки. Едната е најниска,а другата највисока. Во најниската точка на објектот е сместен влезот со сите оние содржини кои не бараат големи висини во објектот, додека во највисоката точка се поставени токму оние содржини како ферментацијата и флаширањето, како и двокатната администрација.Конструктивното решение на објектот е предвидено да биде со користење на армирано-бетонски платна и столбови, како и ребрасто поставени греди (примарни и секундарни) кои ќе совладуваат распони до 20 метри. Поставени се четири главни платна во централниот дел од винаријата, делејќи ја на три главни брода. Од главните платна се спуштаат четири примарни греди кои се протегаат по целата должина на објектот. Нормално на примарните греди се протегаат секундарните греди кои се на растојание од 3,7 метри. Ваквата поставеност на гредите формира една мрежа која лесно може да ја носи бетонската обвивка, која го покрива целиот објект.Во однос на материјалите користени се три главни материјали: армиран-бетон, дрво, стакло. На фасадата се забележуваат бетонските платна и покривката кои надополнети со дрвените обвивки на ѕидовите, при што се постигнува рамнотежа. Во таквите примеси на дрво и бетон вметнати се стаклените површини главно кај влезовите, при тоа изгледајќи како процепи во „бетонската пештера“. Во ентериерот доминира чист бетон, поради условите и температурите кои мора да се константно одржани поради процесот на производство.

Ваквата комбинација на материјалите се повторува и кај другите објекти од ресторанот, дегустацијата на вино и бунгаловите. На таков начин се создава една шема, кој се применува на сите објекти со цел да се постигне складност и еднаквост, а сепак истовремено секој од нив да има свој карактер и да може да се оддели од останатите објекти.