Треперлива и лесна обвивка со хоризонтални ленти која ќе создаде посовремен и естетски поинтересен лик за силосите на цементарницата Усје во Скопје предлагаат студентите по архитектура Христина Мијалчева и Синиша Павловски. Мијалчева и Павловски со ова архитектонско решение  учестуваа на студентскиот конкурс „Индустрија во град“ на тема фасадно обновување на објекти на цементарницата во Скопје, распишан од Архитектонскиот факултет во Скопје и Усје.

Студентите предлагаат идеја за естетско и визуелно подобрување на сликата за индустрискиот комплекс на скопската цементарница. Со архитектонската интервенција, која би се извела со лесни монтажни материјали, објектот ќе биде визуелно интересен и преку ден, но и ноќе, кога фасадата ќе креира ефект на светлосна инсталација во просторот. Проектот на Мијалчева и Павловски беше еден од трите наградени на овој студентски конкурс, кој освен што ја покажува важноста и потребата за поголема соработка меѓу академската институција и градежната индустрија, потенцира и дека студентите и факултетот се подготвени да се соочат со многу посериозни предизвици од само академските.

Повеќе за проектот во продолжение во описот од авторите.Автори : Христина Мијалчева, Синиша Павловски

Конкурс: Студентски конкурс за избор на најдобро решение за обнова на фасадни површини на објекти во сопственост на Цементарница Усје АД Скопје, Групација Титан

Опис од авторите:

Водечка идеја при обликувањето на фасадните површини на објектите на  цементарница Усје е ставот како да се делува на веќе постоечки објект без да се наруши неговиот првобитен идентитет. Целиот комплекс изобилува со волумени различни по облик, материјал и големина, па така силосите за цемент кои се доминантни по некоклу аспекти беа главен фокус при обликувањето.Финалното решение произлегува од неколку чекори на преобмислување. Почнувајќи од идејата за некаква обвивка која би ги обединила силосите во единствен волумен, преку нејзиното расчленување на хоризонтални ленти – со што обвивката станува површина полно празно по вертикала, се до финалната фаза на длабење со што новата обвивка добива уште поголема порозност и постоечките волуимени наѕираат преку новото. Хоризонталните ленти кои визуелно ги засекуваат масивните бетонски силоси, заедно со сенката која се формира во меѓупросторот од две ленти, дава една слика на треперлива и лесна обвивка. Целиот концепт е надополнет и со идејата за ноќно осветлување со која се потенцираат вертикалноста од силосите и одземените делови од обвивката. Целокупната слика ноќе би оставила впечаток на една светлосна инсталација во просторот.
Дефинирањето на материјалноста на лентите би произлегла од понатамошна разработка на проектот, но поради конструктивни аспекти и концептот за лесна, порозна обвивка, најадекватни би биле лесни и монтажни материјали. За останатите волумени се предвидува површинско обновување преку бојадисување во бела боја како би се вклопиле во новата целина. Идејата се стреми за естетско и визуелно подобрување на сликата за комплексот.