Проектирањето повеќесемејна станбена зграда на местото на фабриката „Треска“ во Скопје беше една од темите кои ги разработуваа и анализираа студентите по архитектура во рамки на предметот Архитектонско студио во текот на зимскиот семестар на Архитектонскиот факултет. Темата имаше за цел да ги поттикне студентите да понудат креативни архитектонски решенија за квалитетно интегрирано домување на централна локација во Скопје, која во моментов е речиси запоставена.

Студентите Никола Момироски и Никола Ѓоргоски кои работеа на оваа тема, нудат интересно архитектонско решение за станбен објект со интересна, современа архитектура која со својата форма и содржини ќе биде еден вид архитектонски бунтовник во населбата и ќе доминира меѓу останатите објекти. Нивниот предлог е објект составен од два квадари со скалишна форма, по кој може да се искачуваат жителите благодарение на надворешно поставени скали. Она што е највпечатливо се големиот број кровни тераси поставени по скалишното јадро на објектот, правејќи ја оваа зграда мала зелена оаза во урбаниот простор.

Повеќе за проектот во описот на авторите во продолжение.

Архитектонско студио V-1 (2017/12018)

Семестрален проект: Повеќесемејна станбена зграда

Тема: Интегрирано домување

Локација: фабрика Треска, Скопје

Студенти: Никола Момироски, Никола Ѓоргоски

Опис од авторите:

Целта на Архитектонско студио V/1 со тема:  „Интегрирано домување“ беше да се проектира станбена зграда на локацијата на фабриката Треска во Скопје.

Волуменската композиција на ова решение се состои од два квадари кои се поставени нормално на постоечките објекти и каде по низа на трансформации се добива финалната форма. Со прекршување на тие два квадари, се избегнуваат нивните меѓусебни директни погледи и се овозможуваат отворање на нови погледи и хоризонти, притоа поврзувајќи се во едно тело со што се овозможува меѓусебна комуникација. Одземајќи одредени волумени од сега единственото тело, се создаваат пасажи со што се овозможува течење на просторот и добивање на непрекинато континуирано движење.  За да се подобрат инсолациските услови и притоа да се овозможи оптимално осветлување во текот на денот, како и да се создадат квалитетни услови за живеење воведивме скалесто спуштање на јужно поставениот волумен. Сето тоа резултираше со добивање на нов квалитет за живеење и тоа преку приватни кровни тераси со зеленило.Поставувајќи го коридорот на северната страна, се овозможи сите станбени единици да бидат со јужна ориентација. Во објектот постојат две главни приватни скалишни јадра кои може да се користат само од страна на станарите,  додека  пак скалите кои се поставени по периферијата на објектот овозможуваат пристап до највисоката кровна тераса која нуди најразлични содржини за одмор и социјализација.Имајќи ја во предвид автентичноста на овој објект се обидуваме органолептичкото и разумното, да ги споиме во едно, да ги канализираме и насочиме кон нешто возвишено, нешто што човекот го прави да се чувствува удобно и релаксирано во секој поглед. Ова чувство е чувство на посебност и оригиналност како брза река која протекува од првиот до последниот кат. Чекорењето  по надворешните скалила ни создава чувство на создавање мелодија по црно-белите типки на прекрасното пијано и создавање на дело кое вечно трае, момент кога со секој наш поглед сакаме да го зграпчиме секое ќоше, секое дрво, секое скалило кое сакаме да биде само наше. Највисоката кровна тераса ни нуди широка лепеза на парчиња од мозаик „обвиткани“ со зеленило како и плитката водена површина која создава микроклиматски услови за време на летниот период.

Чувството на одбивност од монотонијата што ги зафатила денешните градови, не испровоцира нас како автори да создадеме еден спротивен и позитивно „бунтовен“ објект кој доминира на локацијата но истовремено и ги привлекува сите минувачи да доживеат една поразлична градска приказна. Организирање на станбени единици

Овој објект се состои од еднособни, двособни, трособни и четирисобни станови кои се разместени низ волуменот на објектот. Сите станбени единици содржат тераси кои се јужно ориентирани и притоа може да се затвораат во зависност од временските услови. Дел од становите кои се сместени во скалесто поставениот волумен имаат и приватни тераси со зеленило до кои се пристапува преку собите за дневен престој што претставуваат нов позитивен квалитет на тие станови.  Приземјето на објектот се состои од јавни содржини како што се кафетерии, канцеларии, супермаркети и сл.

Користењето на прозорци без парапет на северната страна на објектот овозможи поголема осветленост на коридорите и притоа создавање на еден визуелен ефект –  „треперење“ на фасадата.