Динамична фасада која се менува под влијание на природните појави и дава нов, несекојдневен лик на цементарницата УСЈЕ предлагаат студентите по архитектура Сања Аврамоска и Валбона Фејза за измена на визуелниот идентитет на овој индустриски комплекс во Скопје. Решението на Аврамоска и Фејза за алуминиумска фасада, која изгледа како нежен и комплексен вез врз индустриските објекти на скопската цементарница, беше изготвено за конкурсот „Индустрија во град“ на Архитектонскиот факултет во Скопје и УСЈЕ.

Проектот на Фејза и Аврамоска, кој има за цел да помогне визуелно да се подобри сликата за дел од објектите на УСЈЕ, беше еден од трите наградени на овој студентски конкурс, кој освен тоа што ја покажува важноста и потребата за поголема соработка меѓу академската институција и градежната индустрија, потенцира и дека студентите и факултетот се подготвени да се соочат со многу посериозни предизвици од само академските.

Конкретното архитектонското решение со идеја за подобрување на ликот и улогата УСЈЕ во урбанта средина, предлага поставување алуминиумска фасада која е економична и практична за одржување, изведена од неколку вида плочки кои формираат различни обрасци и форми. Токму поради овие различни комбинации фасадата е истовремено и уметничка, правејќи спој со природното опкружување преку „имитација“ на пејсажот околу индустриските објекти.

Повеќе за проектот во продолжение во описот од авторите.Автори: Сања Аврамоска и Валбона Фејза

Проектна задача: Конкурс за обнова на фасадни површини на објекти на цементарница „Усје“

Опис од авторите:

Koга станува збор за индустрија во град, тоа најчесто е во негативен контекст како во смисла на програмско поврзување со градот, така и во смисла на „нагрдување на местото“ и индустријата најчесто се поставува „на другата страна од патот“.  Цементарница УСЈЕ се наоѓа на допирот на населено место со индустриска зона. Внатрешноста на фабриката, освен за вработените во неа, не е пристапна за јавноста и таа може да се набљудува само од далеку.

Фасадата како дел од урбаното ткиво што го сочинува градот е круцијална компонента, особено кога се работи за објекти од поголемо значење или објекти кои се наоѓаат на важни сообраќајници.Новопредложеното фасадно решение цели кон победа над контекстот и создава нова слика која е сама по себе „спектакл“ и ново обележје на градот. Во време кога архитектурата е преокупирана со визуелното, во ера на консумеризам и комодификација, архитектурата на спектаклот ја става впечатливата визуелност и иконографија над останатите дизајнерски намери почнувајќи од архитектурата на националните павилјони на светските изложби, до ремек-делата на „стархитектите“ на XXI век. Стратешкото користење на истата најчесто е за промовирање на идентитетот на местото, уметноста, но истата многу често се појавува  и во нашиот секојдневен живот.

Фасадите и во поново време динамичните фасади се занимаваат со проблемот на пријатен визуелен импакт врз луѓето. Тука се поставува прашањето, како да направиме фасадата да функционира како повеќе од само облека на зградата. Што ако фасадата може константно да реагира на опкружувањето и да создава образец на движење сама по себе? Што ако „динамичката фасада“ може да одговори на средината и притоа да користи минимум енергија?Енвиронменталниот артист и скулптор Ned Kahn претставуваше инспирација за фасадата да биде  проектирана и да ги oпфати оние невидливи аспекти на природата, како што е дувањето на ветрот. Константното движење на алуминиумските плочки, поттикнато од струењето на воздухот, создава ефект на вознемирена вода. Користејќи ја само силата на ветрот како природен елемент, потрошувачката на енергија е сведена на минимум, а визуелниот ефект на максимум. Дополнително, различните слоеви на фасадата, гледајќи од долу кон горе, се разликуваат во формата на алуминиумските плочки и димензиите на мрежата на која се поставени. Поради поголема економичност образецот е формиран со 5 видови на плочки кои се повторуваат на различен начин. Ваквите различни обрасци се обидуваат да го имитираат пејсажот во позадина на фабриката. На овој начин фасадата создава директна интеракција помеѓу она што е природно и она што е изградено. Мрежата ги обвива силосите како најдистинктивни волумени во целокупната содржина на  комплексот. Ноќното осветлување е решено на едноставен начин со оглед на тоа дека самата фасада нуди константна динамичност, доволно е нејзино осветлување само од еден агол така што постојаното движење на плочките ќе може да се воочи и кога нема дневна светлина.Ваквата фасада има предност поради немањето потреба да се обновува како фасадите од боја или пак да се одгледува како зелените фасади кои претходно биле проект за фабриката но резултирале со неуспех.  Исто така новопредложената обвивка одговара на овој тип на објекти каде што не е потребно значително дневно осветлување во нив, додека пак нејзиното стареење е дел од уметничкиот аспект кој го носи во себе.Иако на прв поглед се чини дека фасадата се обидува да го замаскира објектот и она што е „грдо“, сепак транспарентноста на интервенцијата овозможува да се види позадината на која самата таа е надоврзана. Решението нуди нова динамична димензија која нежно се наметнува на комплексната композиција на фабриката, која како обележје во градот добива нова атмосфера и идентитет, го привлекува окото на набљудувачот, а на моменти и маѓепсува со својата појава.