Проектирање на хотел во охридската населба Пештани беше една од темите кои ги разработуваа студентите по архитектура на Архитектонскиот факултет. Темата се работеше во рамки на предметот Архитектонско студио и креативно ги поттикнува студентите да обмислат решение за хотел со современа архитектура кој ќе внесе нова живост во Пештани, ќе нуди погледи кон природните убавини и истовремено ќе се вклопи во локалната средина.

Во продолжение погледнете го проектот на студентките Марија Петрова и Александра Наумовска кои работеа на оваа тема.

Тема: Проектирање на хотел

Автор на проектот: Марија Петрова и Александра Наумовска- Архитектонско Студио 7.1

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација: Пештани

Година: 2017/2018Опис од авторите:

Процесот на работа на архитектонското студио 7.1 резултираше во обмислена копозиција на хотел.

Почетниот коцепт произлезе од барањата на самата локација, односно утврдено беше дека хотелот како нова урбана единица може да придонесе во дооформувањето на јавниот простор во вид на плоштад помеѓу езерото и градот, кој би бил врамен од стана на постојаните објекти свртени кон езерото и новоформираниот трем на хотелот. Идејата е тремот на приземјето, во аксијала на композицијата, да не го нарушува јавниот каратер на плажата, а истовремено и ја смирува вертикалата на хотелот, врзувајќи ја со контекстот.Програмата на хотелот се состои од опшествен дел, сместен во хоризонтален волумен кој кулминира со мултифункционална сала на едниот крај и истиот е „вклештен“ помеѓу две смолкнати вертикали на другиот крај. Опшествениот дел е пристапен преку парадни скали за надворешни посетители и е отворен со визури кон градот и кон езерото. Во неговиот горен дел на отворено се наоѓа базенот кој е врзан и со станбените кули и со јавниот простор.
Двете кули се со различно ориентирани погледи, едната гледа кон планината Галичица, а другата кон Охридското Езеро, третирајќи го природниот пејзаж подеднакво важен во секој негов дел. Вертикалите се поврзани меѓу себе со лобито и рецепцијата во рамки на хоризонталниот дел, до кој се пристапува преку скали сместени под тремот. На визурите им е дадено особено значење преку поставувањето на застаклени лифтови за целосно доживување на атмосферата во Пештани.Просторната организација преставува тектонски простор со јасно нагласена порозност, со што околниот пејзаж е исполнет со нови визуелни секвенци во кои протекува духот на местото низ бројните новоформирани визури. Сета програма е спакуванa во соодветно одмерен ритам на волумени формирани од единечни елементи и сместени во структурална решетка со конструктивен модул од 8 метри. Разигрувањето на композицијата е со нагласување на позицијата на скалите и лифтовите, што резултира во динамична приказна која ќе го разбранува тивкото Пештани.
Акцентот на хотелот неслучајно е сместен во рамки на неговиот најсуштествен сегмент, поточно во станбениот дел, издвоен како две кули во образец на дијалог.