Пренамената на фабриката „11 Октомври“ во Скопје во нова културна област во градот беше една од темите кои ги работеа студентите по архитектура на Архитектонскиот факулет во Скопје за предметот Архитектонско студио во текот на зимскиот семестар. Идејата за архитектонски решенија со кои ќе се направи архитектонско и програмско преобликување на фабриката, со што ќе се внесе нов живот во овој индустриски простор, а со и тоа и ќе се креира нов простор со културни содржини и зеленило во Скопје, ја поттикнува дебатата како може да се пренаменат запуштените индустриски комплекси во главниот град и државата, без нивната конструкција и историја целосно да биде срамнета со земја.

Студентката Фјола Саити, дел од групата студенти кои работеа на оваа тема, нуди архитектонско решение за пренамена на ентериериот на фабриката во простор за повеќе културни активности, како театар, музичко студио, ателје за танц, изложбен простор и библиотек. Дел од просторот предлага да се искористи и за забавни активности како бар и ресторан. Според проектот на Саити, фабриката ќе добие и зелен парк, а ќе има и мост со кој се поврзува со Вардар и населбата Аеродром, како би била полесно пристапна за јавноста.

Повеќе за проектот во описот од авторот.Тема: Проектирање на општествени згради: нов културен дистрикт,Скопје

Автор: Фјола Саити, интегративно Студио IX

Ментор: Доц. Д-р Михајло Зиноски

Локација: Скопје

Година: 2017/2018Опис од авторот:

Реупотреба и пренамена на индустриските објекти денес е современ тренд. Во овој проект е направена пренамена на фабриката „11 Октомври“ во Скопје во нов културен дистрикт. За да се зачува сеќавањето за објектот, новите интервенции се направени така да конструкцијата и надворешната форма на објектот остануваат исти. Во внатрешноста на објектот, пак, се предвидени нови содржини како работилници со продавници, ресторан,ноќен клуб, музеј, библотека, ателјеа за танц, глумење,музика, музичко студио за снимање, бар и театар како главна содржина во објектот.Како главен концепт при проектирање на овој објект беше креирање на една населба, со сите горенаведените функции кои ќе бидат поделени со улици, покриени и непокриени. Овие непокриени улици се формираат со сечење на објектот во одредени места, и на овој начин се поврзуваат полесно двете страни на објектот. Во склоп на овој објект се појавуваат парк и паркинг простор, кој ги задоволува потребите на новата намена. Исто така, уште еден интересен и привлечен елемент е пешачкиот мост, поставен од дел од објектот, продолжувајќи над реката Вардар. Мостот се спушта до кејот на реката, поврзувајќи го на овој начин новиот културен дистрикт со населбата Аеродром и истовремено правејќи го објектот полесно пристапен и попривлечен за граѓаните.