Проектирање на современ хотел во Пештани беше една од темите на анализа на студентите по архитектура на Архитектонскиот факултет во рамки на предметот Архитектонско студио. Студентите по архитектура Дритон Алити и Влера Тачи беа дел од архитектонскиот тим кој работеше на оваа тема во текот на изминатиот зимски семестар. Во својот проект тие нудат идеја за хотел со современа архитектура кој во својот фокус го има погледот кон бисерот на Охрид, Охридското езеро и кој нуди различни содржини за туристите, но и мештаните во Пештани.

Во продолжение погледнете го проектот на Алити и Тачи на оваа тема.

Тема: Нови фронтови на вода – хотел во Пештани, Охрид

Автори: Дритон Алити, Влера Тачи

Предмет: Архитектонско Студио 7.1

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова,

Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација:  Пештани, Охридско Езеро

Година: 2017/2018

Опис од авторите:

Една од целите на проектот беше да му се даде нов архитектонски белег на Пештани. Нашиот проект се базира на идејата за поставување објект во вертикала, кој ќе доминира во просторот. Самото место го дефинираме како еден вид крстосница помеѓу две аксијали, едната аксијала која ги поврзува планината и езерото, додека другата аксијала ги поврзува градот Охрид и Манастирот Св. Наум. Од тука проеизлегува и решението на проектот со крстовидна основа, кое има симболично значење – крст.Хотелот со различните содржини е сместен во една кула – крстовидна призма, која почнува од теренот и е крунисана со завршеток, кој со својата форма и поставеност го има во фокус Охридското езеро. До самиот објект е предвиден мал плоштад, кој овозможува комуникација помеѓу плажата и непосредната околина. Плажата се наоѓа едно ниво подолу од плоштадот. До неа е предвидено да се пристапува преку рампа и широки скали од плоштадот, а слични скали и рампа ќе бидат поставени и на другиот крај на плажата.На ниво на шеталиштето, по периметарот кон плажата се планира низок ѕид, каде посетителите ќе може да седнат и да се релаксираат со поглед кон езерото. До плажата може да се стигне и по воден пат. За оваа цел се предвидуваат две пристаништа кои ќе му служат и на хотелот и на локалната заедница. Според проектот, замислено е едно приватно пристаниште за хотелот, кој ќе води директно до балската сала во подземното ниво на хотелскиот објект.

Пристапот до хотелот е преку споредна улица, која се издвојува од главната улица во Пештани. Влезот е покриен и нагласен со погорните нивоа на тој крак. Паркирањето ќе биде во подземното ниво, кое со останатите е поврзано со лифт. Веднаш до влезната рампа на хотелот се предвидени скали кои водат до балската сала во подземното ниво и главно е замислено да ги користат посетители кои не се гости на хотелот и ја посетуваат салата за одредени случувања. Хотелот има и посебни економски и административен влез.Сите простории на хотелот се функционално поврзани и сместени на 14 различни нивоа. Еден крак- модул има димензии 750×750 cm. Средишниот модул од приземјето до најгорното ниво е исто решен, тој е замислен како атриум од кој се има отворен поглед кон небото и како галерија од каде може да се влезе во различните простории на секое ниво.

Заедничките простории се поставени на првите три ката и на најгорните нивоа. На приземјето, спроти рецепцијата се поставени главните простории за гостите, кон езерото има бар, додека пак останатиот дел е наменет за економските простории кои водат до магацините и кујната. Едно ниво погоре се сместени ресторанот, кујната и нејзините придружни простории, додека пак на следниот кат се административните канцеларии.Собите почнуваат од третиот кат и се протегаат на следните седум нивоа. Два од краците се решени со по две соби; една со двоен кревет и друга со два единечни кревети. За третиот крак на објектот е предвиден полуксузен апартман. Во кракот каде се сместени вертикалните комуникации се предвидува чајна кујна на секој трет кат, како и содветни простории за чување на постелнина и перални, кои се поврзани со вертикални канали за полесно пренесување на нечистата постелнина од собите до пералната. На последен кат од станбениот е проектирана и соба за гости со физичка попреченост, која е сместена поблиску лифтовите.Последните нивоа исто така се предвидени за заеднички простории за релаксација на гостите како cауна, топла бања, сала за вежбање, базен со површини наменети за сончање. На најгорното ниво е сместена панорамски бар, со отворен поглед кон езерото и хоризонтот. Станбениот дел и делот со заеднички простории се поделени со полунивоа, на кои се сместени различни инсталации.Фасадите се специфично обликувани, краците се челно затворени со ѕидни платна од долу до горе, а бочно се целосно застаклени.  Погледите вкон соседните краци се спречуваат со вертикални дрвени штички во ентериерот, кои се косо поставени. Материјализацијата како и композицијата на објектот е во духот на современата архитектура, поради што како главен градежен материјал е искористен бетонот и истиот е оставен во својата природна, искрена форма, непокриен со боја, креирајќи на овој начин индустриски атмосфера.