Објект со слободна и разиграна полукружна форма, кој лесно се претопува во природната средина. Вака би ја опишале идејата и архитектонското решение на Теодора Василева, студентка по архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје на тема проектирање на средно училиште во Крушево. Проектот на Василева беше награден во рамки на предметот Архитектонско студио 5-2, кое опфаќа проектирање образовни и административни објекти.

Решението на Василева предлага објект чија форма ја пренесува идејата за Крушево како симбол на слободата и револуцијата во македонската историја, ја следи традиционалната крушевска архитектура, додека пак програмски нуди мултифункционални и флексибилни простории за учење и работа. Предложениот објект благодарение на формата и транспарентните фасади визуелно се поврзува со околната природата, креирајќи инспиративен и пријатен амбиент за вработените и учениците.

Повеќе за проектот во описот од авторот.Архитектонско Студио V-2

Семестрален проект: Училиште за средно стручно образование

Тема: Објекти од областа на образованието и администрацијата

Локација: Крушево

Студент: Теодора Василева

Педагошки тим: проф. Анета Христова – Поповска, проф. Михајло Зиновски, Мери Батакоја, Дана Јовановска, Владо Данаилов, Михајло Стојановски

Година: 2017/2018

Опис од авторот:

Во петтиот семестар, Архитектонското Студио 5.2 се фокусира на темата „Објекти со образовен или административен карактер“. Во склоп на оваа тема, семестралната задача беше проектирање на училиште за средно стручно образование на избрана локација во близина на езерото во Крушево. Поконкретно, темата опфаќа проектирање училиште за угостителско-туристичка насока со мешовита програма од областа на образованието, администрацијата и културата.

Со цел објектот симболично да го пренесе значењето и важноста на градот Крушево во историјата на Македонија како симбол на слобода, револуција и независност, формата на училиштето е слободна и во суштина произлезена од манипулацијата на оски и нивниот меѓусебен сооднос. Таа на некој начин претставува експлозија, која од едно централно јадро се развива кон правците на светот и на околните сили.Следејќи го карактерот на традицијоналната крушевска куќа која е со мали димензии, училиштето претставува целина од повеќе мали објекти. Овој тип на поделба не само што овозможува лесно прилагодување на падот на теренот на локацијата со минимални интервенции, туку исто така ги потенцира и предностите на таа топографија. Следствено, се добива приземен објект кој го постигнува својот возбудлив карактер преку различните нивоа и терасирања. Вториот начин на кој истиот ги акцентира природните одлики на местото е преку транспарентната и едноставната природа на обвивката која овозможува визуелна комуникација на надворешниот и внатрешниот простор како и рефлексија на околната флора.Програмата на училиштето се развива во помалите фрагменти на објектот, кои се делат на едукативни, административни, кулинарски и спортски зони поврзани со централен атриум (плоштад) со театрален карактер, што пак овозможува повеќе видови на намени на просторот. Оваа мултифункционалност се развива низ целиот објект преку голем број на флексибилни простории како и повеќенаменски влезни простори за социјализација и едукативна размена. Функционалноста на внатрешноста се поврзува со надворешниот изглед со тоа што лепезната форма на објектот се развива и во вертикала со цел да се овозможи дополнително осветлување на просторот. Светлиот карактер и визуелната комуникација на ентериерот се дополнително потенцирани преку минимално присуство на преградни ѕидови од кои голем дел се транспарентни. Со овие карактеристики, просторот придонесува за пријатен и удобен дневен престој на самите корисници, ученици, професори и посетители на училишниот објект.