Фасцинантна минијатурна верзија на Скопје и клучните скопските висококатници од модерната архитектура деновиве ќе ве изненади ако го посетите Музејот на град Скопје. Станува збор за архитектонската изложба „Скопските вертикали“ на архитектите Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски и Владимир Десков, која истражува, документира и презентира 50-тина впечатливи архитектонски високоградби во Скопје. Изложбата претставува резултат на неколкугодишниот истражувачки проект на поголема група архитекти, студенти по архитектура, архитектонски фотографи водени од тројката Ивановска-Дескова, Ивановски и Десков кој има за цел да ги истражи, анализира и документира висококатниците, кулите и високоградбите во Скопје во периодот од 1950 година се до доцните 80-ти години од минатиот век.

Изложбата делува како идилична прошетка низ скопската архитектура. Фантастичната идеја за поставување на макетите на повисоко ниво симболично потенцира дека овие градби и со својата архитектонска вредност, како и со својата височина и форма доминираат во градот. „Скопските вертикали“ несомнено ја буди свеста за македонското современо архитектонско наследство, неговата исклучителна важност и состојбата во која се наоѓа тоа во моментов. На изложбата се претставени макети, цртежи, скици, фотографии на маркатни градби со различна намена како домување, деловни и комерцијални простори, како и детални информации за нивната хронологија, оргиналниот изглед, трансформациите низ кои поминале и нивната сегашна состојба и примена. Покрај едукативниот елемент за високоградбите, изложбата носи со себе и еден романтичен момент, вовлекувајќи ви ги под кожа современите архитектонски градби и несвесно поттикнувајќи ве да се вљубите малку повеќе во впечатливата скопска архитектура.„Мотивот на истражувачкиот проект е да придонесе за повторната видливост на еден од заборавените и тематски најмалку истражувани слоеви на Скопје, градбите кои се развиваат во височина,“ потенцираат авторите на проектот. Дополнителна инспирација за ова истражување е и желбата за проучување на кулите и висококатниците, кои се производ на еден од доминантните модели на урбанизација и развој на европските градови во втората половина од 20-от век. Историскиот период кој е предмет на истражување, односно средината на 50-тите до доцните 80-ти од 20-от век, како што велат авторите, е во суштина најдинамичниот период од историјата на развојот на Скопје.

„Проектот има историски карактер. Овој период на развојот на Скопје сметаме дека е клучен за формирањето на неговиот идентитет, особено неговиот модернистички идентитет. Ова се години кога градот интензивно се гради и го има својот најбурен архитектонски развој“, истакна Ана Ивановска-Дескова на отворањето на изложбата во Музејот на град Скопје.Целото истражување односно процесот на широко мапирање на целата територија на Скопје, попишувањето на зградите, селекцијата на објекти за анализа, наоѓање на проектна и фотодокументација за нив, дигитализацијата и документирањето на целиот материјач, креирањето на макетите и финалната изложба се од исклучителна важност за зачувување и архивирање на современата македонска архитектура. Како што потенцираше Ивановска-Дескова, овој документарен проект е значаен особено во овој период кога архивите низ државата пропаѓаат во заборав, се губат поради временски непогоди, односно не им се обрнува доволно значење.

„Наша одговорност е тоа знаење кое некогаш постоело да го зачуваме, запамтиме и да го оставиме достапно на јавноста“, истакна Ивановска-Дескова. „Скопските вертикали“ како проект покрај тоа што документира и анализира маркантни примери на македонското архитектонско творештво од периодот на модерната, истовремено за архитектонската фела го поставува прашањето за симболиката и историјата на вертикалната градба, нејзното постоење и развој во Скопје, како и нејзината симболика во социјалистичките градови. Фотографии: © Александра Алексовска, Design.mk