Здруженијат на граѓани Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Факултет за работи што не се учат распишаа студентски конкурс за изработка на идејно решение на нов внатрешен просторен концепт (dream space) на постоечкото кино во Железничка зграда на улицата „Борка Талевски“ бр. 26 во центарот на Скопје. Студентскиот конкурс трае до 11 јуни и се реализира во рамки на проектот Културни простори за активни граѓани. Според насоките на организаторите, идејното решение треба да содржи предлог за просторно уредување на постоечкото кино за негово можно функционирање како простор за заедницата, односно за станарите на Железничка зграда и простор за креирање и реализација на културна и уметничка содржина. Функционирањето како простор за заедницата подразбира можност за негово користење од жителите од различна возраст (како на пример, простор за играње на шах на пензионерите од Железничка зграда, креативни работилници за децата кои живеат во зградата, заедничка библиотека итн.).  Во однос на функционирањето како простор за креирање и реализација на културна и уметничка содржина подразбира идејното решение да содржи предлози за функционално адаптирање на просторот за реализација на филмски проекции, изложби, перформанси и камерни претстави, музички концерти и слично. Предложеното идејно решение треба да биде во релација со контекстот во кој се наоѓа овој простор и функционалноста на зградата и станарите кои живеат во неа.

Право на учество на конкурсот имаат студентите од на Архитектонски факултет Скопје, студентите од Факултетот за арт и дизајн (ЕУРМ) Скопје и студенти на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) Скопје, како и сите други студенти кои ќе ги задоволат барањата на конкурсот како и млади професионалци од што завршиле архитектонско или ликовно образование во последниве три години. Повеќе детали за конкурсот може да се прочитаат на сајтот на Локомотива.

Најдобрите три решенија ќе бидат наградени, а сите учесници ќе добијат сертификат за учество. Идејните предлог-решенија ќе ги оценува тричлена жири комисија составена од Дејан Ивановски, архитект; Слободанка Стевчевска, ликовна уметница и Максим Наумовски, архитект. Идејата да се работи на киното во Железничка зграда е произлезено од работата на проектот “If buildings could talk /Кога зградите би зборувале“ во периодот 2015-2017 година. „Кога зградите би зборувале“ е започнат како регионален проект(Скопје/Белград/Загреб) чија цел е отворање, истражување и користење на нови облици на заедничко градење на капацитети за повеќедимензионално откривање на минатото, сегашноста и иднината на одреден јавен простор како и неговото историско и политичко значење во коректниот локален контекст, сé со цел зацврстување и активирање на врската/дијалогот со одредена заедница. Исто така, овој проект се стреми преку користење на современи уметнички приоди да се придонесе кон подигањето на свеста за улогата на уметноста и културата во општествениот контекст и важноста во актуелизирањето и креативното решавање на општествено – политички прашања.Проектот Културни простори за активни граѓани, во чии рамки се реализира студентскиот конкурс, е резултат на потребите и проблемите со кои се соочуваат претставници на граѓанскиот сектор од културата и уметноста, нивните конституенти и поширокиот граѓански сектор, а тоа е недостатокот од јавни простори, и недостапноста до постоечките кој влијае на продукција и дисеминација на релевантни општествени содржини. Проектот е поддржан од Програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).